Локалното население смета дека Шар Планина треба да се прогласи за национален парк, покажа најновата анкета спроведена во Полог
Скопје, 30.03.2021 – Речиси идентично како и во 2016 година, околу 83% од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк (во 2021 година 82,7 % а во 2016 година 83,4 %), покажа последното истражување на јавното мислење спроведено во рамки на проект на Македонско еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“.
Анкетата покажа и голема подготвеност кај локалното население за поддршка на иницијативата, односно околу 80% од испитаниците изјавиле дека се подготвени да потпишат иницијатива за прогласување на Шар Планина за национален парк, резултат изнесен и во 2016 година.
Идентична е ситуацијата во однос на тоа какви би биле промените од прогласување на Шар Планина за национален парк, односно 86% од сите испитаници очекуваат позитивни промени (и во 2016 и во 2021 година).
Станува збор за анкета направена во март 2021 година на репрезентативен примерок од 628 испитаници во општините Јегуновце, Боговиње, Теарце, Тетово, Врапчиште и Гостивар, која во рамките на Полошкиот регион опфати 2 урбани средини (Гостивар и Тетово) и 38 рурални средини. Анкетите на терен се спроведени од агенцијата ИПСОС, додека анализата е направена од Македонско еколошко друштво. Во примерокот се опфатени и сите поголеми планински села во рамките на предложените граници на идниот национален парк „Шар Планина“, а процентот на население од руралните средини што одговорило позитивно на прашањето ‘дали Шар Планина треба да се прогласи за национален парк?’ изнесува 75%.
- Според двете истражувања од 2016 година и 2021 може да се заклучи дека досегашните кампањи и активности за запознавање на локалното население со процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк имале позитивен ефект. Исто така, резултатите ни покажуваат дека неопходни се активности за едукација во поглед на одржливо користење на природните ресурси од страна на локалното население, како и информации кои јасно ќе ја дефинираат улогата на зоните на идниот национален парк, изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин, координатор на проект во Македонско еколошко друштво.
Во истражувањето во 2016 година, 86% од испитаниците изјавиле дека со прогласување на националниот парк „живеачката“ ќе се подобри, додека 4% изјавиле дека нема да се подобри, односно ќе остане иста. Овие процентни удели се намалени во 2021 година каде 68% од граѓаните сметаат дека „живејачката ќе се подобри“, односно дури 19% од нив сметаат дека ќе остане иста. Генерално гледано од оние испитаници кои сметаат дека живеачката ќе се подобри, жителите на општина Гостивар (93% од сите жители од општина Гостивар) се во поголема мера оптимисти, тврдејќи дека живеачката ќе се подобри.
Во однос на ресурсите, локалното население и понатаму има став дека дрвјата и шумите треба поодржливо да се користат на масивот. 50% од испитаниците изјавиле дека најмногу треба да се зачуваат дрвјата, шумата и растенијата, додека овој процент во 2016 година изнесувал 55%.
Повеќе од половина од населението знае дека во идниот парк земјиштето се заштитува/користи по зони.
Во 2016 година најчести одговори за тоа што е забрането во зона на строга заштита, биле дека забрането е: да се лови, да се гради и да се сече дрва. Во истражувањето во 2021 година, истите активности се присутни во тврдењата на граѓаните.
Од оние испитаници кои одговориле на прашањето за тоа што е дозволено во зона за одржливо користење (59%), околу 120 испитаници одговориле дека во оваа зона не се дозволени никакви активности. Токму овој податок укажува дека во иднина потребни се поголеми активности во поглед на запознавање на локалното население со дозволените активности во зоната за одржливо користење и зоната за активно управување.
Граѓаните се свесни за туристичкиот потенцијал на Шар Планина и сметаат дека главни типови туризам кои би можеле да ги развиваат се: планински, зимски, рекреативен и спортски. Кон развивање на туристичкиот потенцијал, граѓаните искажале позитивен став во однос на издавање на соби за туристите, за работа како туристички водичи, како и за продажба на млечни производи. Без малку сите граѓани се согласни со ставот дека на производите произведени од регионот на Шар Планина сакаат да пишува „Еколошки производ од Шар Планина“.
Целото истражување е достапно на следниот линк.