Во рамки на проектот „Зајакнување на заедниците во регионот на Шар Планина за одржливо управување со Европскиот зелен појас“ МЕД во соработка со Центарот за едукација и развој и Јавната Установа Национален парк Шар Планина во периодот од 21 февруари до 27 март 2024 година организираше 6 рурални форуми во општините во регионот на Шар Планина. Главна цел на руралните форуми беше да се интензивира комуникацијата помеѓу претставниците на Националниот парк Шар Планина и локалното население, со цел споделување на информации, разрешување на нејасности и зголемување на меѓусебната доверба генерално.

Форумите предизвикаа голем интерес кај локалната заедница. Активно учество во дискусиите земаа вкупно 168 (скоро по 30 учесници на секоја средба во просек) претставници на сите засегнати страни – земјоделски здруженија, компании, невладини организации, ловечки друштва, јавни институции, месни заедници, планинари, индивидуални земјоделци, наставници,  и други локални жители, врз кои влијаат одлуките и активностите поврзани со Националниот парк Шар Планина. На некои од нив присуствуваа и претставници од општини надвор од подрачјето на паркот (Дебар, Маврово), кои исто така дадоа придонес со своите дискусии.

Главните теми на форумите беа отпад, лов и риболов, вода, пожари, користење на моторни возила во паркот, сеча на шуми, имотно правни односи, користење на шумски плодови, зачувување на диви видови во паркот и развој на туризам.

Врз основа на дискусиите на форумите може да се донесат следниве заклучоци/препораки:

  • Постои потреба од натамошно јакнење на свеста и запознавање на локалното население со придобивките од НП. Во некои од општините, како на пример во село Вратница очигледен е отпорот кон паркот, не чувствуваат дека имаат придобивки, туку напротив имаат перцепција дека претставува ограничување во искористување на локалните ресурси.
  • Редовно информирање на жителите за нивните права и обврски во рамките на националниот парк.
  • Почести средби меѓу ЈУНП Шар Планина и локалното население со цел зголемување на довербата и справување со дезинформации. За таа цел на секој од форумите беше потенцирано дека секој последен петок во ЈУНП Шар Планина има отворен ден за граѓаните.
  • Стимулирање на соработката на ренџерите и локалните жители
  • Неопходно е изнаоѓање на начини населението директно да ги почувствува придобивките од НП.

Руралните форуми се само дел од активностите на проектот којшто е поддржан од програмата БестБелт на Европската Унија и чија главна цел е подигнување на капацитетите на младите и локалното население во вкупно 8 општини во Македонија и Косово како дел од Балканскиот зелен појас. Во проектот освен МЕД и ЦЕД учествуваат и организациите  ПК Љуботен, ИГИ и ЛАГ Шари (Косово).

 

 

 

Start typing and press Enter to search