Најновата научна студија во која учествувавме покажува дека зајакнувањето на популациите на мршојадците со млади птици кои се родени во заробеништво (реинтродукција) може да го одложи нивното истребување. Иако ваквата процедура нема да биде доволна за одржување на популацијата таа ќе им обезбеди доволно време на еколозите да ги отстранат заканите кои ја уништуваат. Овие закани на Балканот се особено сериозни, популацијата на египетски мршојадци во осоумдесетите броеше над 600 парови а сега е сведена на само 48 пара (податок од 2020 година).

Научната студија е објавена во научното списание Journal of Applied Ecology и таа укажува на фактот дека сѐ додека смртноста на мршојадците е во најголема мера предизвикана од човекот реинтродукцијата дури и на 15 млади птици родени во заробеништво годишно не е доволна за одржување на Балканската популација на египетски мршојадци.

Фотографија на Станислав Цветанов

Ненад Петровски, координатор на проектите за зачувување на мршојадците во Македонија, изјави: „Предвидувањето на идните трендови на популацијата на египетски мршојадци е тешко, но она што со сигурност го знаеме е дека доколку не ги намалиме заканите надежта за прежувување на Балканската популација се мали – дури и покрај фантастичната поддршка која можe да ја даде реинтродукцијата.“

Египетските мршојадци мигрираат околу 5000км секоја година помеѓу нивните гнездечки и презимувачки територии. Овие прелети се опасни и многу птици умираат од човечки закани, како криволов, непосредно труење, електоркуција и судири со електорснабдувачки инфраструктури.

За повеќе детали околу оваа студија и истражувањето кликнете тука.

 

Истражувањата се изведени од страна на: Научниот центар за зачувување на природата на Кралското друштво за заштита на птиците во Британија, Бугарското друштво за заштита на птиците, Македонското еколошко друштво, Грчкото орнитолошко друштво, Зелените Балкани, WWF Грција, Албанското орнитолошко друштво, Заштита и зачувување на природната средина во Албанија, Зоолошката градина од Прага и Европската асоцијација на Зоолошки градини и аквариуми.

Start typing and press Enter to search