Македонското еколошко друштво од 10 до 12 февруари 2025 во Велес организираше работилница на која присутни беа партнерските организации од Мрежата за искуствено учење.
Целта на оваа работилница беше прилагодување на едукативните активности за учениците со попреченост кои ги посетуваат работилниците на Мрежата за искуствено учење.
Еден од клучните показатели за благосостојбата во едно општество е квалитетот на живот кој им е достапен на најранливите категории. Затоа, науката и искуственото учење сакаме да го доближиме до учениците со попреченост.
На работилницата на која присутни беа сите партнерски организации од Мрежата за искуствено учење, изготвивме прилагодени едукативни активности за оние ученици кои имаат некаква попреченост, и начини на нејзино спроведување.
Благодарност до Кристијан Лазарев, кој е професор по македонски јазик и литература во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.
Покрај него, на работилницата своето големо искуство и знаење го сподели и Мирјана Петрушевска, која е специјален едукатор и рехабилитатор во Посебното основно училиште „Маца Овчарова“ од Велес.
Тие подлабоко не запознаа со предизвиците со кои едукаторите може да се соочат при спроведувањето на работилниците, и како посензитивно да ги водат учениците со попреченост низ експериментите за искуствено учење.
Со заедничка заложба, науката ја правиме еднакво достапна до сите ученици кои ќе ги посетуваат работилниците на Мрежата за искуствено учење.