Примената на форензиката при кривични дела врз дивиот свет е клучен сегмент за успешна разрешница од страна на полицијата и правосудните органи. Но, подеднакво важни се и брзото постапување и ефикасната меѓуинституционална соработка, бидејќи доказите во овие случаи се изложени на надворешни влијанија може да станат неупотребливи.

Со тоа, сфаќајќи ја важноста на овие аспекти од истрагата, на 14.11.2024 г., во зградата на Основно јавно обвинителство – Скопје, одржавме Работилница за вештачење при криминал врз дивиот свет. Учесниците беа во мешан состав – јавни обвинители, стручни соработници, инспектори од државните инспекторати за животна средина и за шумарство и ловство, инспектори од Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за форензичко испитување, и претставници од Агенција за храна и ветеринарство, и Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје. Настанот го организираа Македонско еколошко друштво заедно со Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија, и со поддршка од Академијата за судии и јавни обвинители.

На работилницата презентираа неколку експерти на оваа тематика. Првично, проф. д-р Марина Малиш Саздовска од Факултетот за безбедност презентираше за форензичките аспекти на криминалистичките истраги при вакви кривични дела, доловувајќи им ги на учесниците на што треба да се обврне внимание кога се постапува на терен. Понатаму, во излагањето на инспекторот Горан Младеновски од Одделот за форензичко испитување при Министерство за внатрешни работи беа презентирани работата и капацитетите на Одделот. Постапките и искуството од областа на ветеринарната форензика беа покриени од проф. д-р Трпе Ристоски од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје. Последно беше излагањето за форензичката ентомологија, како алатка во постапката за вештачење при криминал врз дивиот свет, од проф. д-р Валентина Славевска – Стаменковиќ при Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет.

На крајот се одржа интерактивна дискусија меѓу учесниците за дали постои установена меѓуинституционална постапка која што се следи при сомневање при криминал врз дивиот свет и која е реалната моментална состоба на меѓусекторската соработка при вакви случаи. Воедно, се разговараше за надлежните институциите и кои се нивните ингеренции. Заклучоците беа следните:

  • Потребна е посебна единица за сузбивање на еколошкиот криминал при Министерството за внатрешни работи;
  • Потребно е подигнување на свеста на правосудството за еколошкиот криминал како и воведување на специјализирани јавни обвинители за животна средина;
  • Да се усвојат национални стандардни оперативни процедури за различни кривични дела врз дивиот свет;
  • Потребно е зајакнување на бројот и стручноста на кадрите кај инспекциските служби.

„Забележуваме извесни недоречености кога станува збор за постапувањето по кривични дела врз дивиот свет. Се чини дека надлежните си ги познаваат сопствените ингеренции, но она што недостасува е пошироката слика – како секоја институција да делува искоординирано без да се наруши или отежни текот на постапката. Во таа смисла, сакаме да ја зајакнеме меѓуинституционалната соработка и да креираме однос каде нема да има префрлување на топката, туку сплотеност при решавањето на случаите. За тоа претстои уште работа, но радува ентузијазмот и интересот од сите институции. Сметам дека нештата се движат во вистинска насока, а полека се менува и ставот кај надлежните за сериозноста на овие кривични дела“, вели Александар Павлов од Македонското еколошко друштво.

Настанот беше одржан во склоп на проектот Балкан детокс LIFE и Програмата за закрепнување на балканскиот рис.

На почетокот на работилницата директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, обвинителката Ирина Трајкоска-Стрезоски формално се обрати кон учесниците. По настанот, од Академијата велат дека соработката со Здружението на Јавните обвинители на РСМ и Академијата е особено важна и се планира да се продлабочи во иднината. Детектирана е потребата од обуки на оваа тема, и во моментов се работи на ревидирање на програмите за почетна и континуирана едукација. Целта е овие едукативни работилница да бидат дел од редовниот Каталог за обуки и распоред на часови на слушателите на почетната обука во рамки на теоретска настава.

„Кога станува збор за сомнение на кривично дело против дивиот свет, квалитетното и навремено вештачење е најклучниот сегмент во кривичната пријава која што ќе се поднесе до надлежниот Јавен обвинител. Мило ни е дека како Здружение имаме можност да организираме, заедно со Македонско еколошко друштво и Академијата, практични и интерактивни работилници на оваа тема“, изјави обвинителката Спасенка Андонова, потпретседателка на Здружението на јавните обвинители на РСМ.

Start typing and press Enter to search