
Инцидентот со неовластеното користење на ратраци, за што викендов известија од Националниот парк „Шар Планина“, не претставува само кршење на важечката регулатива за движење со моторни возила во заштитеното подрачје, туку и загрозување на природните вредности и дивиот свет што живее во овој – инаку најмлад – национален парк во земјата.
Користењето на моторни возила низ недопрените предели и неуредени падини, односно низ заштитени зони кои не се предвидени за тоа, претставува огромно вознемирување за тамошниот див свет. Токму извонредните природни вредности и исклучителната разновидност на растителни и животински видови беа клучната причина заради што овој регион стана национален парк во 2021 година, со цел нивна заштита и зачувување како главна мисија.
Човекот треба да ужива во природата и да ги користи екосистемските услуги што таа ги нуди, но не по цена на нејзина деградација. Оттука, Македонското еколошко друштво потсетува дека зачувувањето на природата е можно само доколку се почитува постојната законска регулатива. Се надеваме дека актуелизирањето на ваквите инциденти ќе доведе до подигање на јавната свест, со што ќе се намали бројот на случаите кога забораваме дека човекот не е над природата, туку составен дел од неа.
