За првпат се следи балкански рис со ГПС околувратник во Јасен

На крајот на февруари во ЗП „Јасен“ успешно го обележавме првиот млад мажјак од загрозениот подвид балкански рис со GPS околувратник. Потфатот беше спроведен во соработка со вработените од Јавното претпријатие за стопанисување со повеќе наменското подрачје „Јасен“.

„За присуството на балкански рис во Јасен имавме податоци подолго време но досега немавме среќа да поставиме GPS околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен“, изјави Диме Меловски од МЕД.

Рисот беше обележан од страна на тројца членови на нашиот тим со поддршка на еден ловочувар од „Јасен“ и двајца стажанти од Германија и Франција. Иако нашата соработка со „Јасен“ трае повеќе од 10 години таа беше возобновена во 2020 година благодарение на големиот ентузијазам и заложбите на директорот Новица Зечевиќ.

Фаќањето на овој рис е дел од полусистематската сесија за фотозамки која покажа и присуство на уште една единка на рис како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.

Активностите за воспоставување на мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, којшто е финансиски поддржан од Европската Унија а спроведен од УНДП со поддршка на МЖСПП.

 

 

Start typing and press Enter to search