МЕД и Пријателите на Шара го поздравуваат изгласувањето на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк

Македонско еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“ го поздравуваат изгласувањето на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк што Собранието го изгласа на 43. седница со 66 гласа ЗА на 30.06.2021 година.

@JovanBozinoski

Како поддржувачи на овој долгогодишен процес сакаме да изразиме огромно задоволство и признание на сите вклучени страни во прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Ова беше долг и макотрпен процес, но успеа со верба и многу работа од страна на институциите, донаторите, невладините организации и секако локалното население кое изминатите години даваше поддршка.

Еден од најгласните поборници за оваа иницијатива беше професорот д-р Љупчо Меловски, поранешен претседател на МЕД, кој најдобро ја познаваше Шар Планина од аспект на природни вредности и речиси постојано беше вклучен во сите активности поврзани со постапката за прогласување на Шара за национален парк и лобирањето Шара да се заштити и тоа уште од 1997/98 година.

„Посакував да ја слушнам убавата вест за прогласувањето на Шар Планина за национален парк на 30 јуни, токму на роденденот на проф. Меловски, кој целиот свој живот го посвети на истражување на Шара – и тоа се случи. Огромни се вредностите на Шара од аспект на биодиверзитетот, но и културните вредности и традиционалните практики на користење на ресурсите се значајни. Всушност, тоа ја прави Шара уникатна планина. Правната заштита е огромен успех, голем чекор напред за да се надминат притисоците со кои се соочува, но пред нас претстои уште поголема задача, да преземеме ефикасни мерки за зачувување и управување со ова значајно подрачје“, изјави Робертина Брајаноска, извршен директор на МЕД.

Според претседателот на МЕД, Славчо Христовски, прогласувањето на Шара е историски чекор бидејќи точно 63 години немавме прогласено национален парк во земјава, по прогласувањето на НП „Галичица“.

„Морам да ја изразам мојата благодарност до Собранието, Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, особено до Министерот Насер Нуредини за залагањето и успешниот резултат. Воедно им честитам на жителите од шарпланинскиот регион и здруженијата на граѓани и посакувам сите заедно да ја заштитиме и унапредиме природата на Шар Планина, внимателно да се грижиме за културните и традиционалните вредности, што ќе ни се врати многукратно во развој на регионот и подобрување на животот на локалното население. Посакувам многу наскоро да докажеме дека Националниот парк „Шар Планина“ ќе донесе прогрес и ќе ја олесни прекуграничната соработка, а сигурен сум дека прогласувањето веќе ги докажа цивилизациските вредности на нашето општество, и покрај тоа што нив постојано се сомневаме“, изјави претседателот на МЕД, Славчо Христовски.

Со Шар Планина како четврти национален парк во државата се заокружува сложувалката што недостасуваше и во регионот се добива прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244.617 хектари. Имено во Косово постои национален парк од 1986 година, а во Албанија постои заштитено подрачје „Кораб-Коритник“ во категоријата парк на природа од 2011 година. На тие подрачја се надоврзува и нашиот Национален парк „Маврово“, со што целиот простор со извонредни биолошки и естетски вредности може да добие интегрална заштита.

Претседателот на „Пријателите на Шара“, Метин Муареми, упати честитки до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање кои стоеја цврсто на овој долгорочен но многу неопходен процес за сите жители кои живеат на Шар Планина, но и кон другите кои веруваа во вредностите кои ги има.

„Како платформа „Пријатели на Шара“ повеќе од пет години поминавме пат со многу предизвици и тешкотии, се соочивме со поддржувачи и противници, но во ниту еден момент не отстапивме од нашата цел, да ја видиме планината заштитена, бидејќи веруваме во вредностите што ги има за локалните жители, но и за поширокиот регион. Како платформа веруваме во добра соработка со идната управа на НП „Шар Планина“ и поддршка на нов модерен парк којшто ќе се грижи и за природата и за луѓето“, изјави Метин Муареми, претседател на платформата „Пријатели на Шара“.

 

Во националниот парк кој вклучува 30 села со нешто повеќе од 2.000 жители се очекуваат голем број придобивки, не само кон зачувување на природата, туку и социо-економски, па дури и демографски. Убедени сме дека Шар Планина може да биде зачувана и да привлекува туристи како прочуени национални паркови во светот и регионот бидејќи од аспект на природни вредности таа има сѐ што треба да има еден национален парк. Успехот на заштитата нема да зависи само од идниот управувач, туку и од промената на свеста кај сите што ги користат природните ресурси на планината во изминативе децении, почнувајќи од деловниот сектор, јавните претпријатија, па сѐ до локалното население.

@JovanBozinoski

МЕД, Пријателите на Шара и иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк

МЕД е вклучено во иницијативата за прогласување на Шар Планина уште од самите почетоци на иницијативата, главно во истражувањето на биолошката разновидност на Шар Планина, а во изминативе 10 години има организирано бројни настани, работилници и конференции на локално и регионално ниво на кои присуствувале претставници на институции, локалното население и претставници на сите 6 општини во полошкиот регион.

На оваа тема посебно и се посветивме откако оваа мисија беше препознаена и од Центарот за едукација и развој од Теарце, Планинарски клуб „Љуботен“ од Тетово и Иницијатива за граѓански интеграции од Гостивар (ИГИ) со кои почнавме да делуваме преку неформалната Платформа „Пријатели на Шара“ која несебично се посвети на оваа иницијатива и преку чија што работа темата Шар Планина да стане национален парк е постојано актуелна и присутна во јавноста во последните шест години.

Преку работата на Пријателите на Шара во регионот се подигна свеста за природните вредности на Шар Планина на национално и регионално ниво и постојано се лобираше да нема застој во процесот за прогласување на Шара за национален парк.

@AлександарДонев

Наши очекувања:

Како МЕД и Пријателите на Шара сметаме дека првите неколку години по воспоставувањето на националниот парк, за заштитата на природата ќе биде клучно функционирањето на идниот управувач, чија примарна улога ќе биде да се грижи за зачувувањето на природата и одржувањето на традиционалното користење на природните ресурси на планината.

По формирањето на јавната установа НП „Шар Планина“ ќе треба да се изготви план за управување со заштитеното подрачје, којшто ќе треба да се претстави на локалното население и засегнатите страни. Идниот управувач ќе има обврска да ги означи посебните зони за заштита во паркот, да ги информира жителите за нивната улога, да врши мониторинг на флората и фауната, како и да спроведува други активности за заштита на природата.

МЕД и Пријателите на Шара продолжуваат со своите активности во регионот. Членовите на платформата Пријатели на Шара се вклучени во проекти поврзани со промоција на природните вредности и туризмот во регионот, поддршка на локални иницијативи и чинители не само на Шар Планина, туку и во регионот.

Заканите врз природата на Шар Планина остануваат и понатаму присутни. Покрај „малите“ хидроцентрали, илегалната сеча, криволовот и постојаната урбанизација, односно никнувањето на бесправни објекти низ планината, многу често се пробиваат и нови патишта, се пренаменува земјиште и слично. Законот за прогласување на националниот парк и планот за управување во идеален случај би требало да стават крај на овие отворени прашања, што не значи дека проблемите ќе згаснат со донесување на Законот. Идното тело за управување ќе има многу работа на контрола на овие појави, едукација на населението и овозможување на активности кои ќе имаат придобивки од воспоставената заштита.

За патот кој МЕД го одеше заедно со „Пријателите на Шара“ кликнете на линкот.

За повеќе информации:

http://friendsofshara.mk/mk/

Pandurska@mes.org.mk

metin.muaremi@ced.org.mk

Start typing and press Enter to search