Во Инфо центарот на Пониква на 17.07.2021 се одржа настан на кој во склоп на иницијативата Европски зелен појас (European green belt) беше доделена награда на Општина Кочани. Оваа општина беше одбрана помеѓу сите општини од Балканскиот зелен појас како пример за исклучителна посветеност во зачувување на природата и биолошката разновидност преку учеството во воспоставувањето на новото заштитено подрачје на Осоговските Планини.

Наградата на градоначалникот Николчо Илијев му ја врачи германската амбасадорка Анке Холштајн. При примањето на наградата Градоначалникот Илијев се осврна на активностите спроведени од општината, меѓу другото, поврзани и со прогласувањето за заштитено подрачје. „Процесот за прогласување на дел од Осогово за заштитено подрачје ни помогна со научни истражувања да дознаеме и да се увериме колку многу природни вредности и реткости, колку многу убавини има во себе.“ Тој ги наброи и следните чекори кои општината планира да ги спроведе како развојот на руралниот и на велосипедскиот туризам, изградба на планинарски дом и едукативен центар и уште многу други. Илијев потенцира дека „натамошното управување и развојот на заштитеното поздрачје зависи од сите нас и од јавната свест за одржливо користење на ресурсите.“

Претседавачот со Европскиот зелен појас и директор на Германската фондација Еуронатур, Габриел Швадерер, го објасни значењето на општината Кочани „Таа е многу богата како со природа така и со добри луѓе, затоа е пример за општина која се грижи за зачувување на природата, одржлив развој и прекугранична соработка. Осогово пак, како  планина која е дел од Европскиот зелен појас, може да се пофали со извонредни пејзажи и хармонија меѓу природата и луѓето.“ Швадерер  посочи дека заложбите на општините кои работат на имплементација на оваа иницијативата имаат важна улога и во европските интеграции.

Европскиот зелен појас се протега долж некогашната „железна завеса“ меѓу истокот и западот и опфаќа предели кои биле добро зачувани заради минималните или скоро никакви човечки активности. Оваа граница која некогаш ги разделувала земјите денес ги симболизира глобалните напори за заеднички прекугранични активности за зачувување на природата и одржлив развој. Иницијативата има за цел подобро усогласување на човековите активности со природната средина и зголемување на можностите за социо-економски развој на локалните заедници. Во сите 24 земји, опфатени со иницијативата, а поделени во 4 региони, се номинира по една општина која најмногу допринела за зачувување на природата.

 

Настанот е организиран од Еуронатур и Македонското еколошко друштво. На настанот, покрај претставниците на Германската Амбасада, учествуваа и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, ЈП Национални шуми, Фармахем и Центарот на Источен Плански Регион.

Start typing and press Enter to search