На 28 и 29 септември претставници од Македонско еколошко друштво учествуваа на рурални форуми во Тетово, Теарце и Врапчиште организирани во рамки на кампањата за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Имено Центарот за едукација и развој од Теарце во соработка со другите организации од платформата „Пријатели на Шара“ ги организираше овие средби со цел информирање на присутните за природните вредности на Шар Планина, можностите и бенефитите за сточарство и земјоделство во заштитено подрачје како и предлог границите на идното заштитено подрачје.
Претседателот на МЕД и професор на ПМФ, Славчо Христовски ги претстави вредностите на Шар Планина како и предлог границите на идното заштитено подрачје, а професорот Владимир Џабирски од Факултетот за земјоделски науки и храна зборуваше за можностите што може да се отворат во идното заштитено подрачје за традиционалното сточарство и земјоделство.
Во Тетово имаше мал одѕив на присутни но сепак форумот помина во конструктивна дебата со прашања кои се однесуваа на тоа каква корист ќе имаат локалните жители што ќе бидат дел од идниот национален парк. Експертите наведоа повеќе конкретни одговори но присутните побараа поголема ангажираност од институциите во споделување на конкретните насоки за тоа што ќе биде дозволено а што забрането во трите зони на управување во идното заштитено подрачје. На 28 септември во 18ч. беше закажан вториот форум во село Теарце, но поради вербален напад на неколку присутни од вкупно шеесетина присутни кон организаторите и модераторот на настанот, средбата беше оневозможена да се одржи и по првите 5 минути беше прекината.
Последната средба со граѓани се одржа на 29.10.2020 во село Градец, Врапчиште со присуство од околу 50 посетители и градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани. Дебатата помина во мирна атмосфера и со конструктивна дебата. Граѓаните се интересираа, дали ќе можат да градат во втората зона за заштита, како и тоа дали националниот парк ќе има ингеренции врз нивниот извор за снабдување со питка вода итн.
Заклучок од сите три средби е дека граѓаните итно бараат јасни одговори во однос на управувањето на идното заштитено подрачје и што тоа ќе значи за нивното секојдневие.
Овие средби се организираа во рамки на кампањата за прогласување на Шар Планина за национален парк што ЦЕД ја спроведува со поддршка на Канцеларијата за животна средина на ОН – УНЕП и Министерство за животна средина и просторно планирање.