Незаконското труење на дивиот свет е сурова и штетна практика. И покрај тоа што е забрането во многу земји, останува распространет метод за елиминирање на животните кои се сметаат за штетници или предатори. Последиците се протегаат многу подалеку од предвидените цели, влијаејќи на диви животни, па дури и на луѓе. Оставањето отровни мамки на отворени површини започнува циклус, неселективно убивајќи го секое животно што ќе дојде во контакт со овие токсични материи. Овој циклус има разорни ефекти врз екосистемите, заштитените видови, а ја загрозува и човековата благосостојба. Нашето ново видео го илустрира овој циклус на смртта со труење.

 

Опасноста од отровните мамки

Во обид да ги решат конфликтите меѓу човекот и дивиот свет, земјоделците, сточарите и ловците често прибегнуваат кон користење отровни мамки за да ги елиминираат животните кои можат да ги оштетат посевите, добитокот или видовите дивеч. Отровните мамки обично се состојат од парчиња месо или цели трупови обложени со смртоносни супстанции како пестициди (често нелгални) како што е Карбофуран, забранети во ЕУ. Овие мамки се оставаат на отворени места кои се лесно достапни за животните. Сепак, оваа практика е неселективна, што резултира со бавна и болна смрт на секое суштество што ќе наиде на мамката. Ова ги вклучува не само наменетите цели, туку и други животни, како што се птици грабливки, мршојадците, па дури и домашни животни, вклучувајќи и миленици.

Влијание врз екосистемите и дивиот свет

Недискриминирачката природа на труењето на дивиот свет има тешки последици за цели екосистеми. Смртта и на само едно животно може да ја наруши деликатната рамнотежа на природата. Мршојадците кои вообичаено не се мета, хранејќи се на отруени трупови, самите стануваат жртви. Ваквото труење најчести предизвикува трагично губење на повеќе поединци, па дури и цели колонии. Според Студијата за труење и балканските мршојадци од 2022 година, околу 115 мршојадци потенцијално подлегнуваат на труење годишно на Балканот. Употребата на отров е една од основните причини за истребувањето на брадестиот и црниот мршојадец од Северна Македонија, како и намалениот број на белоглавиот и египетскиот мршојадец. Имајќи предвид дека помалку од 20% од инцидентите со труење се откриени и документирани, вистинското влијание е веројатно уште поголемо. Дополнително, смртта на предаторите може да резултира со прекумерно изобилство на животните кои им се плен, а тоа да доведе до оштетување на посевите и други проблеми поврзани со вегетацијата. Загубата на мршојадците, кои се главните чистачи, потенцијално може да придонесе за зголемување на болести кај добитокот и луѓето.

Труењето не познава граници

Дивиот свет не познава политички граници, што значи дека животните кои изеле отровна мамка можат да го дочекаат својот крај во друга земја и да предизвикаат опасен домино ефект на труење. Ова може да доведе до страшниот феномен наречен секундарно труење, кој започнува опасен циклус на уништување. Она што е уште позагрижувачко е широката употреба на отрови низ сите балканските земји. Овие нации споделуваат заеднички причини, методи и токсични супстанции, што ја прави незаконската прекугранична трговија со забранети материјали значајна и алармантна.

Влијание врз луѓето

Злоупотребата на пестициди има потенцијал да го контаминира целиот наш синџир на исхрана. Оваа контаминација може да остане незабележана во месо, земјоделски култури или вода, а луѓето кои би ги користеле може да страдаат од тешки здравствени проблеми, кои се движат од акутно труење до хронични болести, оштетување на органите, а во најлош случај дури и смрт.
Отровите кои се користат како отровни мамки предизвикуваат хаос на клучните системи во телото, вклучувајќи го нервниот, респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Покрај тоа, одредени супстанции може да имаат долготрајни ефекти, предизвикувајќи невролошки нарушувања, развојни проблеми или репродуктивни компликации.

Прекин на циклусот

Прeкинувањето на циклусот на незаконското труење на дивиот свет бара заеднички напори од владите, организациите за заштита и локалните заедници. Проектот BalkanDetox LIFE презема клучни чекори во овој потфат, кои вклучуваат:
1. Разбирање на проблемот: Развивање на сеопфатна база на податоци за смртноста на дивиот свет низ Балканот, обезбедување прецизни податоци за инцидентите со труење кои ќе помогнат да се дефинира опсегот на проблемот, да се идентификуваат клучните целни групи и жариштата, да се преземат директни превентивни активности и да се следи ефективноста на мерките против отров. Во исто време, може да ги олесни регионалните и меѓународните споредби, и да ја подобри размената и координацијата на информации.
2. Подигнување на свеста: Едукацијата на релевантните чинители за опасностите од незаконското труење на дивиот свет е од клучно значење. Со промовирање на превентивни мерки и безбедни алтернативи на отровните мамки, можеме ефикасно да се справиме со конфликтите меѓу дивиот свет и луѓето, избегнувајќи ги негативните последици од труењето.
3. Градење капацитети за подобрување на спроведувањето: Академијата за криминал против дивиот свет одигра клучна улога во зајакнувањето на капацитетите на надлежните органи од седум балкански земји. Преку специјализирана обука, овие власти ги стекнаа вештините потребни за истрага, управување и борба против инцидентите на незаконското труење на дивиот свет. Исто така, неопходно е ригорозно да се спроведе постојното законодавство за да се обесхрабри употребата на отровни мамки. Со тоа што прекршителите одговараат за нивните постапки, испраќаме силна порака дека не се толерира незаконско труење на дивиот свет.
4. Навремена реакција и превенција: Следењето на клучните видови како белоглавиот мршојадец низ Балканот ни овозможува навремено да ги следиме сомнителните инциденти со труење. Ова овозможува брзи одговори, вклучително и отстранување на отровот, на крајот спречувајќи ја масовната смртност кај загрозените видови.
Со имплементирање на овие стратегии и работа со сите релевантни чинители, можеме да го прекинеме циклусот на незаконското труење на дивиот свет!

Start typing and press Enter to search