Во текот на 2023 здружението ПОЛИМАТ 13 во рамките на проектот „Градење на локалните капацитети за управување со ЗРП Богданци“ финансиран од CEPF, спроведе мониторинг на растението Astragalus physocalyx (меурест козинец).
Во рамките на оваа активност беше реализирана едукативна компонента со која четворица студенти – тројца од Природно – математички факултет и еден од Факултетот за шумарски науки поминаа практична обука на терен во однос на мониторинг на растенија.
Ова беше прво вакво искуство за ПОЛИМАТ 13 и можност за остварување на соработка со млади луѓе кои со голем ентузијазам се вклучија во теренските активности и под временски услови кои се предизвикувачки за луѓе кои не се од ова поднебје.
Покрај практичното искуство во однос на мониторинг и собирање на податоци се трудевме на овие млади луѓе да им пренесеме чувство на одговорност во заштита на животната средина, проширување на знаењата за екосистем кој е под суб-медитеранско климатско влијание, како и силна свесност за важноста за заштита на загрозени видови на растенија и подрачјата на кои се присутни истите.
Беше интересно да се слушнат овие млади луѓе и нивните размислувања и идеи како придонес кон заштита и афирмација на Значајното растително подрачје „Богданци“.
Ова беше навистина збогатувачко искуство за нашето здружение, се надеваме и за студентите на кои ќе им придонесе кон нивниот професионален и личен развој.