18.05.20212 – По повод меѓународниот ден на диворастечки растенија – 18 мај, градскиот парк во Богданци се збогати со ѕиден мурал посветен на локалниот ендемит меурест козинец, што вирее само во околината на Богданци, додека на светско ниво, го има само на неколку локалитети во Турција, Бугарија и Грција.

Овој „критично загрозен вид“ е дел од Националната црвена листа на Република Македонија. Ова ретко растение се набљудува редовно изминатите четири години со цел да се дознае повеќе за неговата екологија и биологија, како и бројноста и стабилноста на неговата популација.

  • „Изминативе години континуирано се правеше мониторинг на нашата, македонската популација на меурестиот козинец. Се бараа евентуални нови локации, се мереше дали се шири, дали се намалува и колкав ареал зафаќа. На овој ден сакаме да потсетиме дека Богданци е значајно подрачје за диви растенија, бидејќи тука вирее меурестиот козинец, и секој жител од тука би требало да го знае тоа.“, изјави Надица Maџирова од „Полимат 13“.

Инаку во рамки на проектот „Зачувување на ендемичните растенија во Македонија“ што МЕД го спроведува со финансиска поддршка на Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF)  во соработка со Полимат 13 од Богданци, во тек е и означување на една кратка пешачка патека, која води низ местата каде има убави единки од козинецот, па секој посетител или граѓанин во иднина ќе може да ја посети.

 

 

Start typing and press Enter to search