Од 14-ти до 16-ти март 2022 година, МЕД присуствуваше на работилница за надзор на ремедијацијата на линдан и HCH во ОХИС, организирана од Министерството за животна средина и просторно планирање/Канцеларијата за POPs, во соработка со Организацијата за индустриски развој при Обиденетите нации (UNIDO) и меѓународната консултантска фирма TAUW од Холандија.

Работилницата се состоеше од два дена теоретска обука за одржливо управување, мониторинг и надзор на ремедијациските активности во ОХИС и еден ден практична обука на локација во ОХИС.

Обуката беше оддржана од TAUW, Холандска фирма со експертиза за справување со POPs (перзистентни органски загадувачи) која е задолжена за надзор на целокупниот процес на отстранување на линданот од малата депонија во ОХИС. Главните теми на обуката беа вовед до Стокхолмската конвенција, управување со контаминирана локација, управување со ремедијација, управување и следење на здравјето и безбедноста и надзор на ремедијација.

TAUW започна со кратка историја на ОХИС, како и главните цели на проектот и конкретниот работен план. Како позадинско знаење, TAUW исто така ја покри историја на POPs низ светот, посочувајќи дека справувањето со токсичен отпад од овој тип е сè уште голем проблем. Беше даден и вовед во Стокхолмската конвенција – меѓународен договор кој има за цел да го елиминира или ограничи производството и употребата на POPs.

Обуката беше детална и во тек на двата дена чекор по чекор ги презентираше сите главни теми за водење на проект од овој тип и менаџирање на контаминирана локација, од истражување на локацијата преку достапните извори на информации и преку директно теренско истражување, до можни договори, потребна безбедносна опрема и машинерија, планирање на буџет, коректна поделба на зони и начинот на движење помеѓу зони, до мониторирање на безбедност, анализа на почва и подземна вода, итн.

Вториот ден, претставник од фирмата-изведувач POLYECO презентираше за нивниот оперативен план и за моменталната состојба на ОХИС. POLYECO покажаа дека безбедносниот шатор е поставен заедно со три тунели, еден за вработените лица, еден за потребната машинерија и еден со пруги каде што ќе влегуваат и излегуваат контејнерите со линдан и контаминирана почва. Покажаа на кои зони е поделен просторот на фабриката и како ќе се спорведуваат активностите согласно зонирањето, која безбедносна опрема ја користат вработените и ангажираните лица и кои безбедносни мерки ќе треба да ги следат. Покажаа веќе поставени системи за мониторирање на воздухот и филтри за вода кои ќе се користат во самиот процес, како и контејнерите кои ќе се користат за транспорт на линданот и контаминираната почва.

Третиот ден беше посветен на спроведување на директни активности на терен во ОХИС – учесниците беа опремени со безбедносна опрема и се спроведе обука за ископување почвени анализи и анализирање на контаминираноста на почвата. Со инструкција и опрема на TAUW, учесниците научија да ископуваат проби од почвата и да ја анализираат. Користејќи рентгенски апарат, на лице место се детерминираше колку жива и други елементи има во почвата во која што се копаше и сето тоа беше документирано во работни формулари. По оваа обука POLYECO спроведе информативна тура низ ОХИС во делот каде ќе се вршат активностите за подготовка, пакување и отстранување на линданот (од малата деонија). Учесниците влегоа во жолтата зона, каде што беа поставени контејнерите за транспорт на линдан, HCH и контаминирана почва. Жолтата зона се протега до поставениот шатор (во црвената зона), каде што се гледаа трите работни тунели. Во жолтата зона, исто така, имаше единица за деконтаминација – специјален дел со две комори каде што вработените во еден дел се тушираат и ја оставаат контаминираната опрема, па влегуваат во вториот чист дел каде што ставаат чиста облека.

Како дел од обуката предавачите споделија корисни материјали од областа. На крај на тренингот МЕД, заедно со другите учесници, се здоби со сертификат за мониторирање и супервизија на ремедиацијата на ОХИС.

Start typing and press Enter to search