Македонското еколошко друштво благодарение на спроведениот цензус на штркови, е добитник на наградата „Зелен трн“ која ја додели интернет порталот „Трн.мк“ за најдобра зелена иницијатива во 2024 година.
Меѓу победниците во останатите категории се најдоа еминентни компании и граѓански иницијативи, кои во својата работа и активности особено се грижат за општествената одговорност.
Наградата во име на МЕД, ја прими орнитологот Славе Накев кој годинава го раководеше цензусот на штркови.
Македонското еколошко друштво спроведе пребројување на штрковите на национално ниво. Овој цензус се спроведе во рамки на 8-от Европски цензус на штркови кој што се прави на секои 10 години, а во Македонија првпат се спроведе во 2014 година. При истражувањето во Македонија беа вклучени над 15 членови и волонтери на МЕД, а евидентирани се вкупно 1765 гнезда на штркови (1388 активни гнезда и 377 неактивни гнезда – односно гнезда во кои не се извеле млади, биле гнезда за спиење на штрковите, или имало само една возрасна птица). Вкупниот број на изведени штркчиња е 3,934.