Во текот на 2024 година се очекува да се реализирани седум истражувања како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“. Во продолжение ви ги претставуваме кратките резимеа на истражувањата.

 

Empetrum nigrum непознато растение на Шар Планина со голем потенцијал

Раководител: Алекс Јачовски

Во 2021 година околу 698 km2 површина од делот во Македонија беа прогласени за национален парк, по претходна изработка на обемна студија за валоризација. Емпетрумот (лат. Empetrum nigrum, во понатамошниот текст ЕН) се најде на листата на видови кои што од целата територија на Македонија се наоѓа единствено на Шар Планина (ШП). Како еден од помалку познатите претставници на вриштините на ШП (as. Empetro-Vaccinetum balcanicum Horvat 1935), претставува растение со ограничен ареал на распространување. ЕН претставува нискорастечко растение со гранки кои што достигаат должина до 1m, зелени елипсовидни листови и црни бобинки.

Додека во различни делови од светот се познаени својствата на ЕН во медицината, народната медицина, храната и традицијата, не постојат литературни податоци за неговата значајност на територијата на ШП (Lorion et al., 2021).

Цел на овој проект е да се истражи распространетоста на ЕН, состојбата на популациите, значењето за локалното население и хемиски скрининг на некои поважни биоактивни хемиски компоненти.

Silbioeco Биолошка разновидност во силажа – микроорганизми како потенцијал за заштита на екосистеми

Раководител: Емира Зекири

Во природата може да се најдат многу извори на микроорганизми со различен потенцијал, а некои можат да имаат и антибактериски и антифунгални својства. Овој проект цели кон изнаоѓање на природни соеви на микроорганизми со потенцијал како биопестициди или анимални пробиотици, и детално ќе се истражи и ќе се обезбеди податок за природно присутните микроорганизми кои имаат антимикробна активност со цел решавање на различни видови еколошки проблеми. Дополнително се знае дека растенијата имаат специфични микроорганизми во својата ризосфера со кои живеат во симбиоза и истите служат за правење на силажа. Силажа е ферментирана храна за стока, често изработена од природни состојки како зеленчук, жито или други растителни материјали. Со реализација на проектот ќе бидат изолирани нови микроорганизми кои ќе служат во поддршка на здравјето и перформансите на стоката или пак да бидат заштита на растенијата од фитопатогени, со што би влијаело на виталноста на екосистемите.

Утврдување на можно присуство на микорпластика во Охридско Езеро 

Раководител: Иво Илинчев

 

Охридското езеро е најстаро и најголемо слатководно езеро во Европа во кое живеат 1200 видови од кои повеќе од 200 се ендемични и реликтни, што го чини најбогато езеро со ендемити по метар квадратен глобално. Една од главните причини за можното губење на заштита од УНЕСКО e загадувањето од органски нераградлив одпад, вклучително пластика.

Контаминација со микропластика (МП) во вода (морска и свежа вода), седимент, воздух, сол, биота прерасна во главна глобална закана за  животна средина и економско прашање. Во последните години  се обајвени значителен број научни студии за штетните ефекти кои произлегуваат од микропластиката.

Техниките FTIR и Раман се вибрациони спектроскопски методи (ВСТ) кои се користат за карактеризирање на различни видови полимери, како и во истражувања на загадувањето од MП.

Главна проектна цел е утврдување на присуството на МП во Oхридското Езеро со воведување на вибрациони спектроскопски техники за брз скрининг на МП.

Микодиверзитет на стари шуми во Националниот парк Маврово

Раководител: Кристијан Јакимовски

Проектот има за цел да го истражи видовото ранообразие на габите во старите шуми на подрачјето на нациoналниот парк Маврово. Старите шуми се шумски заедници кои не биле експлоатирани од страна на човекот и во кои се зачувани стари дрвја и паднати стебла. Старите дрвја се погодни супстрати и микоризни партнери на голем број видови габи, а посебно се значајни паднатите стебла кои не се отстранети од шумата и на кои исто така се развиваат различни видови габи. Во старите шуми спаѓаат и девствените букови шуми кои ги има на планината Кораб – с. Жужње, еден од локалитетите кои што е планиран да биде истражен. Тие се реткост во нашата држава и не се доволно истражени, а посебно за овој локалитет речиси и да нема податоци за микодиверзитетот. Со истражување на овие заедници очекуваме да придонесеме кон запознавање на разнообразитето на габите во ова значајно подрачје, кое претставува национален парк. Поради сето наведено, старите шуми претставуваат одличен предизвик за истражување од миколошки аспект.

 

Микросвет во вода – дефинирање во природни извори во Скопска Kотлина и на Шар Планина (ШАР-СКО-ЕКО)

Раководител: Марија Карбеска

 

Модерниот и брз начин на живот, хипер индустрилизацијата, загадувањето на водите, воздухот, почвите односно загадување на целокупната животна средина претставува закана за екстинција на нативниот биодиверзитет во природата. Планините како и изворите се во секојдневна борба со одржување на интактната чистота која ја имаат, а е загрозена од човековиот фактор. Големата е разликата на биодиверзитет од секаков аспект во загадени делови од екосистемите и во комплетно недопрени од човечка рака. Целта на проектот е да се спореди квалитетот на вода во различно лоцирани извори и потоа да се испита и боидиверзитетот на микроорганизми кој е присутен. Со цел да се направи компарација на природно присутниот микробиом и да се прикаже улогата на човечкиот фактор во загадувањето на водите во почиста планинска средина и во извори од Скопска котлина, како и анализи во акредитирана лабораторија ќе бидат спроведени едукативни работилници со дискусии за заштитата на водата и начинот и нивото на загадување.

 

YeastHarmony биодиверзитет на квасци на диви плодови и  грозје и производство на уникатно органско вино

Раководител: Натали Ангелеска

 

Квасците се дел од биомот на голем број плодови, меѓу кои најмногу на грозјето. За правење на вино потребен е процес на ферментација кој се случува благодарение на квасци. Најчесто винариите користат комерцијално достапни квасци кои даваат вино идентично на вкус и мирис. Од друга страна органското вино е голем предизвик и актуелно прашање изминатиов период во светот. Целта на проектот е издвојување на нови квасци од различни видови диви и не третирани овошја и лозови насади. Акцентот ќе биде ставен на биодиверзитетот на присутни квасци од растенија во дивата и недопрена природа и по изолација и карактеризација на истите, ќе биде направена селекција на изолатите. Потоа ќе се направи вино во лабораториски услови кое ќе биде уникатно и органско, користејќи органско земјоделство за добивање на органско произведено грозје и природно добиен квасец истражен во оваа студија.

 

(EKO-К2КЕФИР КУЛТУРИ) Анализа на биодиверзитет на различни култури од кефир и искористување во екосистемите

Раководител: Станимир Трпески

Кефирот како заборавен извор на природни микроорганизми претставува важен етнолошки и културолошки елемент на нашето поднебје. Проценкатa на биодиверзитетот на микробните заедници во кефирот и дефинирање на микробната разновидност во зрната кефир и производите од кефир е од особено значење. Целта на проектот e спроведување на истражување за тоа како различни фактори на животната средина влијаат на составот на микробните заедници во кефирот. Историски, ферментираната храна претставува дел од секоја култура на светот и ризница од природни микроорганизми корисни за човекот и природата. Со тоа преку секојдневно производство на домашни ферментирани производи се намалува јаглеродниот отпечаток во природата, а може да се искористи органски отпад во правење на овој напиток. Со ова истражување целиме да ја докажеме биолошката разновидност на микроорганизмите задолжени за ферментација на кефирот преку нивна изолација и карактеризација. Овие култури потенцијално можат да се употребат во биоремедијација, како биоѓубрива или во намалување на органскиот отпад преку ферментација.

 

 

 

Start typing and press Enter to search