Во текот на 2024 и 2025 година треба да се реализираат пет истражувања како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“. Во продолжение ви ги претставуваме кратките резимеа на истражувањата.

МОРФОЛОШКИ И ГЕНОМСКИ ДИВЕРЗИТЕТ НА E. GLAREOSA AGG. ВО МАКЕДОНИЈА И НЕКОИ РЕГИОНИ ОД БАЛКАНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ

Раководител: Ангела Иванова

Во последните години видот Euphorbia glareosa Pall. ex. Bieb. и блиските таксони се предмет на истражување во Македонија поради полиморфноста и проблематичната таксономија. Овој вид во Флората на Македонија (Мицевски (1998)) се наведува под името Euphorbia nicaeensis All. var. trichocarpa Neilr. Целта на проектот е преку кариолошки и морфометриски анализи на популации од овој вид во Македонија и регионот, да се придонесе кон решавањето на такономскиот статус на таксоните од E. glareosa agg. Покрај тоа, ќе се обезбедат податоци за распространувањето и хабитатните побарувања на овие таксони. Добиените податоци покрај тоа што ќе помогнат во решавање на такономскиот статус на таксоните, треба да обезбедат нови информации за флористичкиот диверзитет на Македонија, како и информации со конзервациско значење за еколошката валоризација на одреден простор.

 

МАК-ЕКО-ФИТО Зачувување на еко системите – улогата на националната колекција на фитопатогени микроорганизми: значаен податок за идејни еколошки решенија за растителните заболувања

Раководител: Џансел Буковец

Фитопатогените микроорганизми се актуелна проблематика за дискусија, особено во периодов кога се повеќе се стимулира органското производство и на големо се произведуваат најразлични микробиолошки ѓубрива во замена за токсичните пестициди. Во нашата држава има малку институции кои се насочени кон оваа проблематика. Дел од нив се повеќе насочени кон комерцијализација на постоечките микробиолошки препарати, и само дел се занимаваат со наука и истражување на овие специјализирани животни форми. Целта на проектот е изолација, карактеризација и идентификација на фитопатогени бактерии и фунги кои ги напаѓаат растенијата. Добиените изолати ќе бидат селектирани и сместени во национална колекција. Оваа национална колекција ќе послужи во истражување на биодиверзитетот со цел да се поттикне и да се добие подобра слика за сите штетни болести кај растенијата и нивните предизвикувачи. Дополнително националната колекција ќе обезбеди трајно чување на културите и достапност за најразлични тестови и испитувања во in vitro и in vivo услови.

 

БЕЛ МЛЕЧЕН ТРН (SILYBUM MARIANUM (L.) GAERTH)  – Коров или полезно медицинско растение со потенцијал за фиторемедијација на почви

Раководител: Јована Ѓорѓиевска

Бел млечен трн, Silybum marianum (L.) Gaerth., Asteraceae, е двегодишно нитрофилно коровоско растение кое расте автохтоно во медитеранскиот регион на деградирани почви, а поради неговото медицинско значение и побарувачка се култувира. Флаванолигнански комплекс-силимарин опфаќа повеќе биоактивни фитокомпоненти со силен хепатопротективен и антиоксифектдативен ефект, концентрирани воглавно во плодовите.

Потребата за санирање на загадените почви со фиторемедијација станува особено значајно во последните децении. Присуството на метали во почвата им овозможува на растенијата да акумулираат метали-фиторемедијација, но може и да го подобри производството на секундарни метаболити. Познато е дека различни делови од растенија собрани од различни геолошки региони поседуваат различна содржина на фитокомпоненти (Papadimou et al., 2024).

Истражувањата во овој проект се стремат да ја утврдат поврзаноста помеѓу содржината на биоактивните флаволигнански компоненти, во плодови и херба, и способоста на ова растение да абсорбира тешки метали од почвата, а со тоа да се процени и потенцијалот на БМТ за фиторемедиација на загадени почви.

 

Проучување на дистрибуцијата и диверзитетот на биоактивни соединенија во ендемични растителни видови од прилепско-мариовската област

Раководител: м-р Маринела Цветаноска

Територијата на Северна Македонија е една од најбогатите во Европа во однос на разновиднста на ендемични растителни видови. Голем дел од нив, иако се таксономски докажани, не се доволно истражени во однос на хемискиот состав и биолошката активност. Преку карактеризација на биоактивни соединенија, може да се потврди нивната припадност кон одреден вид, но и да се потенцира нивното медицинско значење.

Главната цел на ова истражување е да се направи анализа на хемискиот профил на низински ендеми, главно лоцирани  во околината на Прилеп и Мариово, со цел да се направи корелација помеѓу таксономските карактеристики, географската положба со природата и содржината на биоактивни соединенија.

Планирано е проектот да се реализира во 5 фази, со поголем фокус на втората и третата фаза. Резултатите од истражувањето ќе придонесат кон подобро разбирање на примената на овие ендеми и проценка на ресурсите и економскиот потенцијал на нашата земја.

B-Yeast биодиверзитет на квасци кај различни видови на житарици: разбирање на екологија и функција на квасци во микробни екосистеми

Раководител: Никола Радмановиќ

Микробните заедници на фитосферата се богати живеалишта со мноштво микроорганизми кои преку сложени интеракции влијаат на растот и развитокот на нивните растителни домаќини. Во рамките на овие еколошки заедници, сеприсутни членови претствавуваат квасците (Gouka и сор. 2022). Нивните улоги се разновидни, меѓутоа нивната метаболичка адаптибилност не значи дека овие заедници не ги чуствуваат разорните дејства на штетни хербициди, пестициди и инсектициди (Ando и сор. 2005; Giehl и сор. 2023). Дополнително, глобани трендови за изучување на овие заедници се веќе во подем, најчесто со цел наоѓање на подобни квасци за потребите на индустријата. Целта на овој предлог-проект е да добиеме увид во биодиверзитетот на квасците кои природнo ги населуваат житните култури и приказ на квантитативни и квалитативни разлики меѓу овие заедници. Оваа палета на природни квасци со разновидни еко-метаболички функции можат да пронајдат идна употреба како биофунгициди или биопестициди или да се најдат како алтернатива на комерцијални индустриски соеви за позелена и одржлива индустриска и земјоделска пракса (Hernandez-Fernandez и сор. 2021).

Start typing and press Enter to search