Доказ дека природата е благонаклона спрема нас е камилицата која се наоѓа секаде околу нас и е лек за многу болести. Распостранета е на скоро сите континенти. Камилицата, боливач или вртипоп е една од најпознатите растенија и е присутна во речиси секое домаќинство. Не постои човек кој барем еднаш не ја користел до сега.
Камилицата потекнува од далечниот Египет каде се споменува како едно од светите растенија посветено на Сонцето. Уште пред неколу илјади години, луѓето во античка Грција, Рим и Египет ги користеле цветовите од камилица како лек за третман на несоница и предменструални болки. Таа е еден од најстарите лекови и има универзална примена во народната медицина и наука. Најчесто се користи како чај, но се употребува и во форма на масла и тинктури. Се користат главно два вида на камилица – германската (Matricaria chamomile) и римската (Chamaemelum nobile). Името потекнува од зборовите chamos што значи земја, и зборот mile што значи јаболко. Најверојатно, поради тоа што расте ниско до земјата и има мирис што потсетува на јаболко.
Камилицата цвета два до три пати во текот на годината и не бара посебен вид на почва. Има разгранети гранки со стебло на кое се наоѓаат долги перасто расцепени листови. Расте во височина од 15-60 центиметри. На врвот на стебленцето е цветот кој во централниот дел има диск со интензивно жолта боја обиколен со венец од бели ливчиња. Периодот на цветање е околу 50-60 дена во годината, а за развиток на цветовите се потребни од 20-25 дена.
Најлековитиот дел од камилицата се нејзините цветови кои се користат како лек за голем број на болести, а имаат и антисептичко дејство против воспаленија. Повеќе од 120 хемиски конституенти се идентификувани во цветовите на камилицата, повеќето од нив како есенцијални масла. Во народната медицина се смета како лек за сите болести. Камилицата има антисептичко дејство, се користи против воспаление на слузокожата на усната празнина и грлото, слузокожата на дишните патишта, органите за варење и урогениталниот тракт. Камилицата делува благотворно на зараснување на рани, повлекување на егземи, а делотворна е и за конјуктивитис, воспаление на ушите, а може да помогне дури и при забоболка. Чајот од камилица ја ублажува нервозата, раздразливоста, проблемите со спиење (инсомнија) како и анксиозноста. Како купка ја користат луѓето кои интензивно се потат. Покрај ова таа има и антисептичко дејство, го намалува нивото на холестерол во крвта, а има и антикоагулациски ефект.
Со дестилација на цветовите се добива скапоцено етерично масло кое е со сина боја на која му ги должи своите лековити особини. Екстарктот од камилица е важна состојка на помадите за раце, а во стариот Египет се користел и за балсамирање на телата на починатите фараони. Се применува и во производство на некои видови на пиво каде се користат не само цветовите туку целото растение.
Сепак, со користење на оваа лековито растеније мора да се биде внимателен. Камилицата знае да предизивика алергиски реакции и контактен дерматитис. Поради тоа, од претпазливост камилицата не смеаат да ја кориостат бремени жени или жени кои дојат.
За крај, само да спомнеме дека во Русија камилицата е национално цвеќе, затоа што Русите, како и Англичаните знаат што е добар лековит чај со убав вкус.
Пишува: проф. д-р Маја Јорданова