Сите ние влијаеме на биодиверзитетот. Дел сме од целина во која едни без други не можеме. Влијанието на човекот, за жал, некогаш знае да биде и деструктивно по биодиверзитетот. Како земја потписник на Бонскиот предизвик, обновувањето на опустошените шуми е наша заложба. Но, дали постои подобар начин на кој може да се изведе обновувањето на шумските предели?
Идејата е да се ревитализираат и зачуваат важни шумски хабитати во клучни предели за биолошката разновидност надвор од заштитените подрачја.
За оваа цел се користи методот ROAM (Restoration Opportunities Assessment Methodology), односно Методологија за проценка на можностите за ревитализирање, во овој случај на шумите.
Тимот од експерти за спроведување на ROAM – проценка и дизајнирање на интервенции за обнова на шумски предели во областа Буковиќ работи на спроведување на проценка за подрачјето од интерес, идентификација на соодветни опции за обнова на шумски предел и приоритетни локации за интервенции, давајќи им приоритет на оние од особено значење за зачувување на балканскиот рис.
RОАМ методологијата, која е развиена од IUCN и WRI, е шема создадена за земјите да вршат оценка на можностите за обновување на шумите и пределите, и да идентификуваат конкретни приоритетни области на национално или локално ниво.
Оценувањето преку ROAM може да се изврши од страна на мал тим преку соработка на заинтересираните страни и може да ги испорача следниве продукти:
– Идентификувани приоритетни области за обновување
– Скратен список на најрелевантните и можни видови на интервенции за обновување во рамките на оценетата област
– Квантификувани трошоци и придобивки од секој вид на интервенција
– Проценети вредности на дополнителниот јаглерод кој се секвестрира со овие видови на интервенции
– Анализа на опциите за финансии и инвестиции за обновување во областа на проценување
– Дијагностика на „способноста за обновување“ и стратегии за справување со големите политички и институционални пречки.
Преку овие активности ќе се допринесе за ублажување на климатските промени, бидејќи обновувањето на шумите придонесува за намалување на јаглерод диоксидот во воздухот.
Познато е дека овие шуми претставуваат дом за бројни диви животни, меѓу кои и балканскиот рис кој е на Црвената листа на загрозени видови, па преку нивно обновување се подобрува и нивната можност за преживување и размножување, со што се одржува биодиверзитетот на планетата.
Во сите овие активности, важно е да бидат вклучени и луѓето кои живеат во локалните заедници близу засегнатиот регион, бидејќи тие се клучен дел од процесот на создавање услови и одржливост на биолошката разновидност.
Овие активности се дел од Иницијативата за северни шуми: „Обнова на шумите во Албанија и Северна Македонија“ – проект кој се спроведува во соработка со IUCN Eastern Europe and Central Asia, Македонското еколошко друштво (МЕД) и Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (Protection and Preservation of Natural Environment in Albania). Проектот е помогнат од Шведската поштенска фондација.