На 15.04.2022 во просториите на Македонско еколошко друштво се одржа информативна средба за новинари и засегнати страни во врска со актуелното чистење на малата депонија со линдан во ОХИС. На средбата свои презентации во врска со процесот имаа претставници од Министерство за животна средина и просторно планирање, канцеларија за ПОПс, од фирмата изведувач на активностите, ПОЛИЕКО како и национален претставник за TAUW, надзор, контрола и мониторинг на спроведување активностите за отстранување на линдан и контаминирана почва со линдан од мала депонија во ОХИС.

Во својата презентација, Сузана Андонова, национален координатор на проекот од канцеларија за ПОПс во Министерството за животна средина и просторно планирање, ги појасни целите на проектот кој е финансиран од Глобалниот еколошки фонд со кофинансирање од Владата.

Долгорочната цел на проектот е да се заштити здравјето на луѓето и средината со елиминираање на складираните количини на HCH од контаминираната локација во ОХИС како и елиминација на другите опасни загадувачи. За да се постигне оваа цел беше потребно да се воспостави правна рамка и институционални капацитети за да се поддржи, оправда и оцени процесот на деконтаминација на депониите во ОХИС, изјави Андонова.

За конкретните детали на чистењето презентираше Џорџ Цаимос, одговорно лице на фирмата изведувач на активностите ПОЛИЕКО. Тој посочи дека, во рамки на договорот, задолжени се да отстранат 450 тони HCH отпад и 200 тони контаминирана почва, вкупно 650 тони. За време на настанот веќе беа исчистени 350 тони и ПОЛИЕКО имаше започнато со припрема за пратка на HCH отпадот и контаминираната почва, со очекување дека ќе се започне со пратките во мај. Тој посочи дека отпадот е пакуван во 1H2 и 1A2 буриња, според регулативата на Oбeдинетите нации. HCH отпадот и контаминиратната почва ќе се испраќаат преку Солунското пристаниште со брод – HCH отпадот ќе се превезе во Франција каде ќе биде спален, додека почвата ќе се испраќа во Холандија каде што термално ќе се обработи.

Освен статусот на копањето, Цаимос исто така објасни како точно се изработува самото копање, каква безбедносна опрема носат работниците во работните зони и како функционира безбедносниот шатор со негативен притисок.

Се очекува првиот дел од ископувањето на малата депонија (650 тони HCH отпад и контаминирана почва) да се заврши во следните недели, со што успешно ќе се заврши овој проект. ПОЛИЕКО ќе продолжат со чистењето на остатокот од малата депонија во ОХИС без прекин додека таа не биде целосно исчистена.

Овој настан беше организиран во рамки активностите за подигнување на јавната свест во рамките на проектот „Отстранување на технички и економски бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани алфа-HCH, бета-HCH и загадени места со линдан во ОХИС, 100122″.

 

Start typing and press Enter to search