Заедно со Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги избравме шесте граѓански организации кои во партнерство со средни училишта од регионите со заштитени подрачја (Пелагонија, Охрид, Струмица, Тиквеш, Демир Капија и Преспа) ќе спроведуваат иницијативи за решавање на локални проблеми за заштита на животната средина.
На повикот кој што беше отворен за граѓански организации и иницијативи пристигнаа вкупно 28 апликации. Комисијата составена од членови од ИКС и МЕД, врз основа на претходно утврдени критериуми (дефиниран еколошкиот проблем, понудено решение, приоритетност на темата, капацитети на организацијата) ги одбра следните шест грантисти:
- „Ековита“, Неготино во партнерство со СОУ „Св. Кирил и Методиј”, Неготино;
- „Еко Герила“, Преспа во партнерство со СОУ „Цар Самоил“, Ресен;
- „КАБ Струга 2017“, Струга во партнерство со СОУ „Нико Нестор“, Струга;
- „Хорти Еко“, Струмица во партнерство со СОУУД „Димитар Влахов“, Струмица;
- „Клисура“, Демир Капија во партнерство со СОУ „Св. Кирил и Методиј“, Неготино;
- Младински културен центар (МКЦ), Битола во партнерствo со СОМУ „Д-р Јован Калаузи“, Битола;
Избраните граѓански организации во партнерство со училишта ќе работат на инцијативи кои се однесуваат на: примената на добри земјоделски практики во Тиквешкиот и Струмичкиот регион; поголем пристап до информации за работата на мерната станица „Стење“ во Преспа; кампања за поголема транспарентност и одговорност на Општина Струга на општинските средства за справување со мали диви депонии во Струга и околината; решавање на еколошката катастрофа во Демиркаписката Клисура од градежниот отпад со изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица; и поттикнување на еко-активизмот кај младите но и граѓанска одговорност преку кампањи против фрлање отпадоци во Битола.
За да ги реализираат своите активности избраните граѓанските организации ќе добијат грант од 5.000 евра, сет на обуки за развивање план за кампања од јавен интерес и менаџирање на ЕУ мали грантови, како и менторство од професионалните тимови на ИКС и МЕД за поефективно спроведувањето на кампањите.
Проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ го спроведува Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонско еколошко друштво, а со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).