Кои видови растенија живеат и што им се случува откако ќе изумрат во планинските тресетишта? Како тие дишат или пак се хранат кога во влажните станишта вода има многу, а кислород малку? Дали можеби почвата и нејзините својства се специфични, па тоа е олеснително за некои видови растенија? Или можеби тајните се кријат во невидливото, неочигледното – микроорганизмите? Основата на одговорите на сите овие прашања и многу други се интеракциите во еден екосистем. А токму интеракциите се во центарот на екосистемските истражувања и нашето внимание.
За разбирање на дел од функционалноста, селектиравме три различни компоненти во нашите влажни екосистеми на Шар Планина:
- продуценти (растенија)
- абиотичка компонента (почва)
- разградувачи (микроорганизми)
Со теренски истражувања колекциониравме материјал од трите компоненти со цел негово понатамошно лабораториско анализирање. Вложеното време и труд во лабораторија кое ни предстои, ќе даде море од вредности, бројки и резултати. Тоа се сите симптоми кои еден пациент ги кажува на својот доктор. А добриот дијагностичар треба да размисли логички, да ги замисли сите процеси и функции, да биде отворен за дискусија на интересни хипотези, но и да се обиде да најде одговори. Исто како и екологот за своите екосистеми.