Околу стотина граѓани кои денеска беа присутни на едукативниот настан кој Македонското еколошко друштво го организираше во Градскиот парк во Скопје, слушнаа како можат самите да создадат дабови садници.
Целта на овој настан беше да се доближи значењето и важноста на биокоридорите до широката јавност, која судејќи по денешната посетеност е желна да дознае и научи за вакви теми.
Раководителката на проектот „Иницијатива за северни шуми: Обнова на шумите во Албанија и Северна Македонија“, Наталија Меловска им се обрати на присутните со кратко објаснување на нашите активности, додека Јане Димески од „Шума во градот“ беше тука за практично да им покаже на граѓаните како се создаваат дабовите садници. По една година, овие садници ќе можат да се засадат во природа, придонесувајќи кон обновата на шумите.
Дневниот весник Слободен печат ни помогна со обезбедување на стари весници кои ни послужија за создавање оригами саксии, во кои желадите ќе бидат посадени. Особено не радува тоа што на настанот присутни беа голем број на млади луѓе кои ни се индикатор дека нашата мисија и визија ќе продолжи и во идните децении.
Овој настан се организира со поддршка на проектот „Иницијатива северни шуми“ кој го реализираме заедно со PPNEA и Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, и е целосно е поддржан од Шведската поштенска фондација.
Во продолжение погледнете го видеото од денешниот настан.