Најблиското семејство, соработниците, пријателите, студентите и почитувачите на Љупчо Меловски, во негова чест и сеќавање ја искачија планината Китка. Македонското еколошко друштво во соработка со П.К. “Љуботен” – Тетово го организираше меморијалниот марш во чест на професорот Меловски кој остави значајна трага во борбата за заштита на природата во Македонија. Неговата визија беше толку силна што продолжува да живее и после него!

Присутните си поприкажаа за неговиот живот и делување, се присетија на многу моменти кои заеднички ги минале, за неговата мисија и за неговата активност во Македонското еколошко друштво.

Поголемиот дел од учесниците, ја искачија Китка по планинските патеки, додека имаше и такви кои пристигнаа до дестинацијата со теренско возило.

Иако професорот Меловски почина во 2019 година, меморијалниот марш како традиција беше воспоставен во 2021 година, бидејќи пандемијата и ограничувањата го оневозможија во 2020.

Маршот оваа година се одржа на 29 април, и се случува по четврта година по ред.


Start typing and press Enter to search