Проектот „Вардарски Острови – Нов Дом за Малата Чигра“ има за цел реставрација на речни острови во долниот тек на реката Вардар, единственото гнездечко подрачје на малата чигра (Sternula albifrons) во Македонија. Преку контролирано отстранување на инвазивната вегетација, расчистување на отпадот и примена на природно-базирани решенија, ќе се подобрат условите за гнездење на овој загрозен вид. Проектот вклучува ангажман на најмалку 15 вработени од МЕД, 10 надворешни соработници и околу 80 волонтери, со директна придобивка за над 40.000 жители во регионот. Активностите ќе бидат проследени со мониторинг на популацијата, како и со кампања за подигнување на јавната свест преку социјални мрежи, теренски активности и едукативни програми.