Во чест и сеќавање на Љупчо Меловски, неговото најблиско семејство, колеги, пријатели, студенти и почитувачи се искачија на планината Китка, следејќи ги стапките на човек кој целиот свој живот ѝ го посвети на заштитата на природата.
Меморијалниот марш, што традиционално се одржува веќе петта година по ред, беше организиран од Македонското еколошко друштво во соработка со П.К. „Љуботен“ – Тетово.
Оваа година, маршот се одржа на 27 април, во духот на сплотеност и длабока почит кон ликот и делото на професорот Меловски. Иако нè напушти во 2019 година, неговата визија за здрава и заштитена природа продолжува да нè инспирира. Присутните споделија спомени, разговори и заеднички моменти со него — сведоштва за неговата посветеност, страст и долгогодишна активност во рамки на Македонското еколошко друштво.
Поради пандемијата, првиот меморијален марш беше одложен и се одржа во 2021 година, но оттогаш прерасна во традиција што живее. Неговото дело продолжува — преку луѓето што ги инспирираше, преку патеките што ги трасираше, и преку природата што ја сакаше.
Оваа година за првпат распишуваме и фото конкурс на тема диви пролетни растенија. На конкурсот право да учествуваат со по две фотографии имаат сите кои беа присутни на меморијалниот марш на Китка. Фотографиите може да ни ги испратат најдоцна до 5 мај 2025, по што жири комисијата ќе ги избере победничките фотографии, кои ќе послужат за создавање промотивни материјали на Македонското еколошко друштво.