Ни претставува огромно задоволство да ви ги претставиме проектите од програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2021ва година. Годинава го следиме спроведувањето на девет проекти на кои им посакуваме многу успех и веруваме дека нивниот ангажман на проектите ќе биде вистински чекор напред кон успешни кариери како еколози!

  1. Проценка на видовото разнообразие на инвертебратната терестрична фауна во агроекосистеми во Пелагонискиот регион, проследена со одредување на концентрација на тешки метали во почва и биоматеријал

Раководител: Викторија Бошевска

Резиме:

Почвата е основна база за продукција на храна, па така нејзиното загадување со тешки метали претставува сериозен проблем за земјоделското производство. Почвата претставува еден од најважните резервоари на биодиверзитет – тој го одржува нејзиниот квалитет и го осигурува опстанокот на агроекосистемите. Поради способноста за акумулација на тешки метали, како и сензитивниот карактер на најмали промени во средината, безрбетната терестрична фауна е корисен индикатор за проценка на квалитетот на почвата и здравјето на агроекосистемот. Целта на овој проект е да се направи проценка на биодиверзитетот, како и да се оценат ефектите од загадувањето на почвата врз безрбетната фауна во агроекосистемите во Пелагонискиот регион.

Прв извештај: Нашето истражување е фокусирано на плодната пелагониската рамница, на чија почва изминатиот период беа изведени повеќе теренски активности. Досега добиените податоци се резултат на тимската работа на нашата мала група ентузијасти и поборници за заштита на биодиверзитетот и животната средина. Ние умешно ги користевме податоците за видовото разнообразие, структурата, составот, големината, месечната динамика на популациите безрбетници како и нивниот сензитивен карактер на промени, за да конструираме слика за квалитетот на почвата, општата здравстевна состојба на агроекосистемите и нивното функционирање. Со нетрпение очекуваме да ги комплетираме останатите теренски и лабораториски активности и  да ги споделиме  крајните резултати со вас за важноста на безрбетната терестична фауна и нејзиниот импакт.

Слика 1: Собирање на материјал за анализа од почвени замки 

 

  1. Testudo hermanni и Testudo graeca – Единствените желки од парк шумата Гази Баба

Раководител: Дарио Стојановски

Резиме: Скопскиот парк – шума Гази Баба е дом на два вида копнени желки: ридската (Testudo hermanni) и полската желка (Testudo graeca). Целта на проектот е популациски истражувања на желките од парк – шумата Гази Баба. Истражувањата насочени во правец на реализација на поставената цел имаат научен и едукативен аспект. Научниот аспект – преку прибирање и анализирање на добиените податоци од теренски активности, да се прошири знаењето за популацијата на желките, поточно нивната дистрибуција, екологија и однесување. Едукативен аспект – запознавање на општата јавност со биологијата и екологијата на желките кои живеат на Гази Баба и нивното значење за паркот и пошироко.

Прв извештај: Во последните месеци нашиот тим реализираше 25 возбудливи теренски истражувања во парк–шумата Гази Баба – шумскиот остров во срцето на Скопје. Парк-шумата е дом на два вида копнени желки: ридската или шумска (Testudo hermanni) и полската желка (Testudo graeca) и овозможува идеални услови за популациска студија, бидејќи екосистемот изобилува со поволни хабитати за целната група на нашата студија – желките. Секоја индивидуална желка што успеавме да ја заловиме беше измерена, евидентирана, маркирана и пуштена на слобода. Вкупно беа фатени и процесирани 515 желки, од кои 418 ридски и 97 полски. Според нашите прелиминарни анализи во парк-шумата Гази Баба се проценува дека популацијата на ридската желка изнесува околу 995 единки, а на полската желка 175 единки.

 

Слика 2: Собирање на податоци за желките и внесување во дата база

 

  1. Диверзитет на акватични и сапроксилни тврдокрилци во рипариските и водните екосистеми на Шар Планина (Aqua-Shar)

Раководител: Сандра Славеска

Резиме: Во поглед на биолошката разновидност идното заштитено подрачје НП „Шар Планина“ има потреба од дополнување на базите на податоци за различни групи организми. Целта на ова истражување е да се добие претстава за еколошкиот статус на рипариските шумски и водните екосистеми, преку валоризација на диверзитетот на сапроксилни и акватични тврдокрилци. Овие претставници од тврдокрилната фауна имаат биоиндикативно значење за еколошкиот статус на одредените хабитати. Резултатите од истражувањето би биле од особено значење при креирањето на идните стратегии и планови за управување со заштитеното подрачје, како и збогатување на националната база на податоци за диверзитетот на таргетираната тврдокрилна фауна.

Прв извештај: Новиот национален парк Шар Планина претставува интересно подрачје за истражување за нас младите и ентузијастични еколози. Доцните снегови ни беа голем предизвик за да стигнеме до една од нашите локации – Караниколичко езеро, меѓутоа колку и да беше предизвикувачки, за нашиот авантуристички дух и желба за истражување не претставуваше никаков проблем да колекционираме материјал од езерото.  Попатно, се сретнавме и со многу интересни претставници на сапроксилните тврдокрилци кои сѐ уште беа во ларвен стадиум што ги прави уште поинтересни, бидејќи ретко имаме прилика да ги видиме во раните фази на нивниот животен циклус во нативните хабитати. Досегашната работа се одвива во најдобар ред, забавно ни е да работиме и очекуваме успешни лабораториски анализи и значајни резултати во иднина.

Слика 5: Поставување на замки во земјата

  1. Влијанието на различните климатски типови во Р. С. Македонија врз бројноста на Bacillus изолирани од почва

Раководител: Софија Костандиновска

Резиме: Почвените микроорганизми имаат главна улога во биогеохемиските процеси на различни елементи кои се од витално значење за растот на растенијата и животот на животните. Разбирањето и предвидувањето на влијанието на климатските промени врз почвените микроорганизми и нивната улога во екосистемот претставуваат голем предизвик и можност за насочување на истражувачките напори кон еден од повеќето итни проблеми со кои се соочува нашата планета. Во проектот ќе се истражува влијанието на климатските типови врз бројноста на Bacillus spp., а со добиените резултати ќе може да се наведат потенцијални начини на кои можат да се искористат микроорганизмите во намалување на негативните последици од климатските промени.

Слика 6: Подготовка за анализа на примероци од почва

Прв извештај: Глобалното затоплување предизвикува промени во популациите на почвените микроорганизми, па затоа микробиолошките истражувања стануваат сe повеќе значајни за зачувување на животната средина. Со големо задоволство учествуваме во отпочнување на нов тренд на истражувања во областа на микробната екологија за прв пат во Р.С. Македонија со испитување на бројноста и дистрибуцијата на Bacillus spp. во функција на органскиот јаглерод на почви од различните климатски типови во нашата држава. Детерминиравме опаѓачки тренд на бројноста на почвените микроорганизми со зголемувањето на температурата и успешно изолиравме 36 соеви на Bacillus, од кои 6 покажаа антимикробна активност кои понатаму можат да најдат широка примена. Разбирањето на основната екологија на микроорганизмите и нивните ефекти врз животната средина ни овозможи да го идентификуваме штетното влијание на климатските промени.

  1. Природните непријатели на штетниците во дабовите шуми на планината Јабланица

Раководител: Благој Шурбевски

Резиме: Главна цел на предложеното истражување ќе биде влијанието и природната популациона регулација на видовите инсекти кои предизвикуваат штети во дабовите екосистеми и ја нарушуваат биолошката рамнотежа во истите, во подрачјето на планината Јабланица. Виталните дабови шуми се со непроценливо еколошко значење за сите организми кои се зависни од нив за опстанок. Со помош на комбинирани теренски и лабораториски испитувања ќе го утврдиме квалитативниот состав и популациска густина на „штетниците“ и видовите безрбетници кои се нивни природни непријатели. Добиените информации во иднина ќе можат и практично да послужат во интегрираната заштита на шумите, особено во областа на биолошката борба.

Прв извештај: Иницијалната фаза од остварувањето на овој проект, нашиот тим ја помина со интензивни теренски активности.  Доцните мразови и снегови кои се задржаа на одделни локалитети од планината Јабланица дури до средината на месец април предизвикаа доцнење на вегетацијата и на појавата на инсектите. Со тоа временскиот интервал за теренска работа беше скратен, а интензитетот зголемен. Од теренските истражувања утврдивме дека најчести видови инсекти – причинители на штети кај дабот се видовите: Tortrix viridana и  Lymantria dispar. Покрај нив забележавме уште и видови од редовите Coleoptera, Hymenoptera, Diptera и останати видови од редот Lepidoptera чии што примероци ќе подлежат на дополнителна лабораториска детерминација. Според првичната проценка, можеме да кажеме дека здравствената состојба на дабовите шуми на Јабланица е на задоволително ниво, освен оштетувањата предизвикани од човекот.

 

 

 

  1. Подземни габи во Македонија – распространување и екологија во определени подрачја

Раководител: Ангел Таневски

Резиме: Подземните габи се важен елемент на екосистемот. Многу родови се микоризни и играат значајна улога во функционирањето на шумските екосистеми. Разновидноста на подземните габи во Македонија се проучува од пред десетина години, но и покрај тоа тие сè уште се недоволно проучени. Геолошката разновидност и ефектите од различните видови клима во Македонија овозможуваат присуство на богат биодиверзитет и соодветни екосистеми за развој на подземните габи. Во овој проект ќе бидат спроведени теренски истражувања на недоволно истражени локалитети, со цел да се добијат нови сознанија за диверзитетот на подземните габи, за разнообразието на микоризни партнери, и потенцијално откривање на нови видови.

Прв извештај: Во потрага по скриеното богатство под шумското тло… Не, не станува збор за скапоцени камења, туку за светот на подземните габи. Во Македонија подземните габи се недоволно проучени, а во рамките на овој проект е предвидено да се истражат веќе познати и нови локалитети, со цел наоѓање на постоечки и потенцијално нови видови. Од март до јули беа реализирани 7 теренски истражувања на 6 различни локации во Македонија, при што се регистрирани околу 40 примероци, односно 13 видови, кои припаѓаат на 9 родови. Со овој проект, за прв пат во Македонија е откриен видот Elaphomyces aculeatus, кој е предложен за Глобална црвена листа на габи (IUCN), како критично загрозен вид, бидејќи е регистриран само во Европа, на помалку од 50 локалитети. Во периодот што следи очекуваме уште повозбудливи теренски истражувања, и уште поинтересни наоди.

Слика 3: Томе и Гризли во потрага по подземни габи. 

 

  1. Дистрибуција и екологија на црната вдовица (Latrodectus tredecimguttatus) во Македонија

Раководител: Мартина Трајковскa

Резиме: Овој проект претставува прв систематски обид за проучување на црната вдовица (Latrodectus tredecimguttatus) во Македонија. Поради недостаток на податоци за нејзина дистрибуција и екологија, црната вдовица не е на ниедна листа на заштитени видови. Критичката анализа на целокупната литература, проследена со теренски и лабораториски активности ќе резултира со нови сознанија кои може да допринесат за преземање мерки за идна заштита на овој вид.

Прв извештај: Предмет на интерес на овој проект е црната вдовица (Latrodectus tredecimguttatus), која важи за еден од најотровните пајаци во светот. Нејзината точна дистрибуција е многу слабо истражена, не само на територија на Македонија, туку и на целиот Балкански Полуостров. До сега во Македонија не е спроведена сеопфатна студија за овој вид. Нашите прелиминарни резултати  покажаа дека црната вдовица е дистрибуирана во мали и фрагментирани популации исклучиво во најаридните предели на Македонија.  Беше остварена и комуникација/едукација со локалното население, медицински и воени лица. Добиените податоци ќе бидат научна основа за идни студии и преземање конзервациски мерки.

 

  1. Дистрибуција и бројност на модровраната (Coracias garrulus) во рамничарскиот дел од Скопската Котлина

Раководител: Ана Николовска

Резиме: Досегашните податоци за дистрибуцијата и бројноста на модровраната (Coracias garrulus) во Скопската Котлина не се базирани на систематско проучување, туку се резултат на непубликувани опсервации од страна на експерти во областа. Оттука и произлегува главната цел на проектот, а тоа е придонес кон знаењето за застапеноста и големината на нејзината популација во котлината. Доколку со реализацијата на овој проект се соберат доволно податоци, истите можат да послужат во креирање иницијативи и планови за заштита на одредени подрачја со природна вредност.

Прв извештај: Модровраната е преселна птица којашто гнезди кај нас само во летните месеци. Овој вид гнезди во готови дупки на дрвјата кои најчесто се направени од клукајдрвци, при што потребно е дрвјата да бидат близу до отворени површини каде што птиците лесно ќе можат да ловат. Оттука произлегува и специфичноста на локациите кои што се одбрани за набљудување и истражување на модровраната. Нејзината застапеност и бројност во Котлината не е доволно позната и токму ова истражување ќе придонесе кон знаењета за застапеноста и бројноста на модровраните во Скопската Котлина, што пак придонесува кон обоготавување на постоечките податоци за орнитофауната во Котлината. Досега се спроведени седум теренски активности и откриени се дури 28 територии. Mотивирани од истите очекуваме уште повеќе територии и податоци од огромна важност за застапеноста и големината на популацијата во Котлината.

Слика 4: Набљудување на модроврани во Скопска Котлина

 

 

 

Start typing and press Enter to search