Ни претставува огромно задоволство да ви ги претставиме одобрените проекти при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2021ва година. На повикот добивме осум апликации од кои, според научната комисија, шест ги задоволуваа критериумите за успешен еколошки научно-истражувачки проект. Во 2020та пандемијата го наложи одложувањето на три проекти за оваа година, со што вкупниот број на овогодинешни мали грантови е девет.

Им посакуваме многу успех на кандидатите и веруваме дека нивниот ангажман на проектите ќе биде вистинска отскочна даска кон успешни кариери како идни еколози! Следните проекти ќе бидат спроведени:

  1. Проценка на видовото разнообразие на инвертебратната терестрична фауна во агроекосистеми во Пелагонискиот регион, проследена со одредување на концентрација на тешки метали во почва и биоматеријал

Раководител: Викторија Бошевска

Резиме: Појавата на загадување на почвата со тешки метали претставува сериозен проблем за земјоделското производство, како основна база за продукција на храна. Почвата претставува еден од најважните резервоари на биодиверзитет. Имено почвената фауна има огромно значење за квалитетот на почвата и опстанокот на агроекосистемите. Поради способноста на акумулација на тешки метали, како и сензитивниот карактер на најмали промени во средината, безрбетната терестрична фауна е корисен индикатор за проценка на квалитетот на почвата и здравјето на агроекосистемот. Целта на овој проект е да се направи проценка на биодиверзитетот, како и да се оценат ефектите од загадувањето на почвата врз безрбетната фауна во агроекосистемите во Пелагонискиот регион.

  1. Testudo hermanni и Testudo graeca – Единствените желки од парк шумата Гази Баба

Раководител: Дарио Стојановски

Резиме: Скопскиот парк – шума Гази Баба е дом на два вида копнени желки: ридската (Testudo hermanni) и полската желка (Testudo graeca). Целта на проектот е популациски истражувања на желките од парк – шумата Гази Баба. Истражувањата насочени во правец на реализација на поставената цел имаат научен и едукативен аспект. Научниот аспект – преку прибирање и анализирање на добиените податоци од теренски активности, да се прошири знаењето за популацијата на желките, поточно нивната дистрибуција, екологија и однесување. Едукативен аспект – запознавање на општата јавност со биологијата и екологијата на желките кои живеат на Гази Баба и нивното значење за паркот и пошироко.

  1. Диверзитет на акватични и сапроксилни тврдокрилци во рипариските и водните екосистеми на Шар Планина (Aqua-Shar)

Раководител: Сандра Славеска

Резиме: Во поглед на биолошката разновидност идното заштитено подрачје НП „Шар Планина“ има потреба од дополнување на базите на податоци за различни групи организми. Целта на ова истражување е да се добие претстава за еколошкиот статус на рипариските шумски и водните екосистеми, преку валоризација на диверзитетот на сапроксилни и акватични тврдокрилци. Овие претставници од тврдокрилната фауна имаат биоиндикативно значење за еколошкиот статус на одредените хабитати. Резултатите од истражувањето би биле од особено значење при креирањето на идните стратегии и планови за управување со заштитеното подрачје, како и збогатување на националната база на податоци за диверзитетот на таргетираната тврдокрилна фауна.

  1. Диверзитет, таксономија и дистрибуција на водните молци (Insecta: Trichoptera) во водните екосистеми на Шар Планина

Раководител: Сара Јовановска

Резиме: Шар Планина претставува потенцијално заштитено подрачје, па затоа познавањето на нејзиниот биодиверзитет е од голема важност. Потребата да се дополнат информации за различни групи на организми кои ги населуваат екосистемите на оваа планина ја вроди целта на овој проект. Тоа е да се зголемат истражувањата и да се продлабочат знаењата за диверзитетот, таксономијата и дистрибуцијата на водните молци во водните екосистеми на Шар Планина. Покрај општите карактеристики кои ги поседуваат, водните молци се многу важна биоиндикаторска група на организми, а тоа претставува клучен момент да бидат искористени во посочувањето на тоа зошто Шар Планина треба да биде заштитено подрачје.

  1. Влијанието на различните климатски типови во Р. С. Македонија врз бројноста на Bacillus изолирани од почва

Раководител: Софија Костадиновска

Резиме: Почвените микроорганизми имаат главна улога во биогеохемиските процеси на различни елементи кои се од витално значење за растот на растенијата и животот на животните. Разбирањето и предвидувањето на влијанието на климатските промени врз почвените микроорганизми и нивната улога во екосистемот претставуваат голем предизвик и можност за насочување на истражувачките напори кон еден од повеќето итни проблеми со кои се соочува нашата планета. Во проектот ќе се истражува влијанието на климатските типови врз бројноста на Bacillus spp., а со добиените резултати ќе може да се наведат потенцијални начини на кои можат да се искористат микроорганизмите во намалување на негативните последици од климатските промени.

  1. Природните непријатели на штетниците во дабовите шуми на планината Јабланица

Раководител: Благој Шурбевски

Резиме: Главна цел на предложеното истражување ќе биде влијанието и природната популациона регулација на видовите инсекти кои предизвикуваат штети во дабовите екосистеми и ја нарушуваат биолошката рамнотежа во истите, во подрачјето на планината Јабланица. Виталните дабови шуми се со непроценливо еколошко значење за сите организми кои се зависни од нив за опстанок. Со помош на комбинирани теренски и лабораториски испитувања ќе го утврдиме квалитативниот состав и популациска густина на „штетниците“ и видовите безрбетници кои се нивни природни непријатели. Добиените информации во иднина ќе можат и практично да послужат во интегрираната заштита на шумите, особено во областа на биолошката борба.

  1. Подземни габи во Македонија – распространување и екологија во определени подрачја

Раководител: Ангел Таневски

Резиме: Подземните габи се важен елемент на екосистемот. Многу родови се микоризни и играат значајна улога во функционирањето на шумските екосистеми. Разновидноста на подземните габи во Македонија се проучува од пред десетина години, но и покрај тоа тие сè уште се недоволно проучени. Геолошката разновидност и ефектите од различните видови клима во Македонија овозможуваат присуство на богат биодиверзитет и соодветни екосистеми за развој на подземните габи. Во овој проект ќе бидат спроведени теренски истражувања на недоволно истражени локалитети, со цел да се добијат нови сознанија за диверзитетот на подземните габи, за разнообразието на микоризни партнери, и потенцијално откривање на нови видови.

  1. Дистрибуција и екологија на црната вдовица (Latrodectus tredecimguttatus) во Македонија

Раководител: Мартина Трајковскa

Резиме: Овој проект претставува прв систематски обид за проучување на црната вдовица (Latrodectus tredecimguttatus) во Македонија. Поради недостаток на податоци за нејзина дистрибуција и екологија, црната вдовица не е на ниедна листа на заштитени видови. Критичката анализа на целокупната литература, проследена со теренски и лабораториски активности ќе резултира со нови сознанија кои може да допринесат за преземање мерки за идна заштита на овој вид.

  1. Дистрибуција и бројност на модровраната (Coracias garrulus) во рамничарскиот дел од Скопската Котлина

Раководител: Ана Николовска

Резиме: Досегашните податоци за дистрибуцијата и бројноста на модровраната (Coracias garrulus) во Скопската Котлина не се базирани на систематско проучување, туку се резултат на непубликувани опсервации од страна на експерти во областа. Оттука и произлегува главната цел на проектот, а тоа е придонес кон знаењето за застапеноста и големината на нејзината популација во котлината. Доколку со реализацијата на овој проект се соберат доволно податоци, истите можат да послужат во креирање иницијативи и планови за заштита на одредени подрачја со природна вредност.

 

 

 

 

Start typing and press Enter to search