Вистинска радост е кога жители од мавровските села ќе ни јават дека виделе рис, а уште повеќе кога ќе ни испратат слики од рис што го следиме подолго време со ГПС околувратник.
– „Деновиве добивме прекрасни слики од рисицата Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година. Станува збор за здрава единка, стара околу 7 години“, изјави Диме Меловски од Македонско еколошко друштво.
Инаку сликите ни ги испрати жител од едно мавровско село, што оваа убавица ја сликал од својата тераса.
Освен оваа пријатна вест со јавноста сакаме да споделиме и една негативна вест поврзана со истражувачките активности на Македонско еколошко друштво. Имено во месноста Суви Дол, кичевско, целосно е уништена кафез – замка, којашто беше поставена за научно-истражувачки цели од страна на несовесни граѓани и не е во можност повторно да се употреби за следна мониторинг сесија на балканскиот рис.
„ Досега не сме имале вакво искуство и апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научно истражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите.“, додаде Меловски од Македонско еколошко друштво
Инаку вакви замки се поставени на повеќе локации во НП „Маврово“ и надвор од него и се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно, коешто МЕД активно го проучува и заштитува од 2006 г.###