Македонско еколошко друштво во август учестуваше на четири јавни расправи за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитетен предел, организирани од министерството за животна средина и просторно планирање со цел вклучување на јавноста во процесот. Јавните расправи се одржаа во Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип и Крива Паланка.
Претставниците од МЕД ја презентираа Студијата за валоризација на Осоговските Планини со предлог граници на подрачјето и го потенцираа значењето на регионот и категоријата за заштита.
- Поради вековната присутност на локалното население со традиционални практики и користење на ресурсите, на Осогово се формирале уникатни предели кои одлично се вклопуваат во предложената категорија, а тоа е петта категорија односно заштитен предел. Се очекува идниот управувач ЈП „Национални Шуми“ при изработка на Планот за управување со заштитениот предел повторно да вклучи засегнати страни и да ги дефинира деталните начини за заштита особено во зоната за строга заштита, изјави Деспина Китанова, раководител на програма во МЕД.
На јавните расправи присуствуваа и се обртија градоначалниците на Кочани, Крива Паланка, Пробиштип и Македонска Каменица, претставници на МЖСПП, локално население и засегнати страни од регионот на Осогово.
Реализацијата на овие активности се поддржани од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје.