Поради состојбата со светската пандемија 6-иот Конгрес на еколозите на Република Северна Македонија е одложен за октомври 2022 година во Охрид.
Традиционално, Конгресот е со изразено меѓународно учество, и има меѓународен организациски одбор (од 15 членови) и меѓународен научен и уредувачи одбор (23 членови од 12 држави). На Конгресот може да се пријавуваат усни и постер презентации, кои треба да потпаднат под една од осумте секции: Популации, заедници и екосистеми, Хидробиологија, управување и мониторинг на води, Биолошка разновидност и нејзина заштита, Шумарство и земјоделство, Управување со природни ресурси, Загадување на воздухот, водата и почвата, Промени во животната средина и Еколошка едукација. Дополнително, на Конгресот ќе има уште најмалку четири придружни настани (три симпозиуми и една работилница). Посебно интересни се очекува да бидат презентациите за истражувањата на длабинските седименти во Охридското Езеро, кои се спроведуваа во изминатите години од Македонски и Германски научници. На Конгресот повторно свое место ќе најде Симпозиумот на студентите по биологија, а имајќи ги предвид актуелните случувања со водостојот на Преспанското Езеро, се очекува и посветениот Симпозиум за Преспа да привлече значајно внимание.
Имајќи го предвид растечкиот интерес за учество на претходните еколошки конгреси, очекуваме присуство на околу 400 учесници од земјата и регионот. Информации околу пријавувањето за Конгресот ќе бидат дополнително објавени.
МЕД ги организира еколошките конгреси еднаш на секои 4 години. Целосна информација за претстојниот Конгрес може да најдете на http://congress.mes.org.mk.