Уште еден балкански рис беше заловен викендов близу селото Сенце во НП „Маврово“, шести по ред откога започнаа истражувањата со методот на радиотелеметрија и GPS-следење на обележаните единки од страна на Македонско еколошко друштво (МЕД) во 2010 година. Треба да се истакне дека рисот Б8 засега го држи рекордот за најголемиот балкански рис заловен за научни цели. Со своите 27 килограми, тој е вистински „ѕвер“.

–Викендов добивме сигнал дека една од кафез-замките е активирана и веднаш со тимот на МЕД и вработените на НП „Маврово се упативме да ја провериме замката. Бевме пријатно изненадени кога увидовме дека се работи за крупен мажјак од 27 килограми, за којшто се утврди дека е постојан жител на паркот, сликан од фотозамките на вкупно 12 различни локации во последните шест години, изјави Диме Меловски, Раководител на Програмата за зачувување на балканскиот рис во МЕД.

На рисот Б8 му е поставен околувратник и веќе три дена се добиваат информации за неговото движење низ паркот. Податоците од радиотелеметријата ќе придонесат за подобро да се разберат потребите на рисот за исхрана и живеалиште, а и опсегот на неговото движење.

Воедно, МЕД организира анкета за именување на новиот рис. Како предлози за ново име беа: Бистри, Филип, Јован, Мујо, Сенко и Вир. На анкетата гласаа 913 лица, по што се одбра името Бистри.

Од 2010 година досега МЕД ги има заловено и следено рисовите Марко, Ристе, Мартин, Деки, Маја, и најновиот – Бистри.

Се проценува дека на Балканот живеат уште помалку од педесет единки од видот балкански рис којшто од 2015 година го стекна статусот на критично загрозено животно според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).

 

Start typing and press Enter to search