Светски ден на водните живеалишта го одбележавме на четврти 4 февруари во Ресен заедно со Општина Ресен. Оваа година органзириравме едукативни активности за најмладите преку кои тие се запознаа со водните птици од нивниот регион. Со најмладите од градинките во Јанковец зборувавме за амблематичниот пеликан и за другите птици од водните површини коишто се индикатори за климатските промени а кои годинава се во фокус на Светскиот ден за одбележување на влажни живеалишта (World Wetlands Day). Љубовта кон зачувување на природата се гради од мали нозе и затоа сметаме дека еколошката едукација е најважниот пристап.
На истиот ден во општината се одржи и работилница за мерење на ефективноста од управувањето на заштитените подрачја во преспанскиот регион (со користење на МЕТТ алатка). Преспанското Езеро е прогласено за Рамсарско подрачје во 1995 година поради присутноста на големиот број на ретки и загрозени видови птици.
– На Преспанското Езеро се среќаваат шеесет и еден вид птици кои се на листата на заштитени видови од Бернската Конвенција. Поради ова, Општина Ресен како управувач со подрачјето, презема сет на мерки и активности за одржливо управување со споменик на природата Преспанското Езеро и во иднина наша заложба заедно со управите на заштитените подрачја е зачувување на значајните растителни и животински видови во преспанскиот регион, изјави Ајман Ајмала, раководител од секторот за животна средина од Општина Ресен.
Светскиот ден на водните живеалишта е всушност датумот на усвојување на конвенцијата за водните живеалишта во 1971 година во иранскиот град Рамсар. Најважниот меѓународен договор за заштита на водните живеалишта е Рамсарската конвенција. Целта на прогласување на рамсарските подрачја е да се зачуваат и мудро користат сите водни живеалиште преку активности кои се преземаат и на локално и на национално ниво, како и преку меѓународна соработка. Преспанското Езеро е прво Рамсарско подрачје во Македонија. Република Македонија го предложи Преспанското Езеро и неговите водни површини имајќи ја предвид важноста на овој 2-3 милиони години стар екосистем кој продолжува да обезбедува добра и услуги за луѓето како резултат на богатиот диверзитет на живеалишта и видови.