Сто и дваесет садници од автохтони видови на врба и топола денеска беа засадени покрај реката Брегалница во близина на селото Пенуш, Штип, со цел закрепнување на крајречната вегетација. Акцијата за пошумување се спроведе од Македонско еколошко друштво, Општина Штип, Центарот за развој на Источен плански регион и две средни училишта од Штип во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
– Во минатото екосистемот на крајбрежјето на реката Брегалница е целосно или делумно нарушен на повеќе места, главно поради пренаменување на земјиштето за земјоделски потреби, ископ на песок и напасување на крави и овци. Се надеваме дека ваквото пошумување не само што ќе придонесе до нормализирање на основните функции на крајбрежниот екосистем, како што е заштита од ерозија и поплави, туку и ќе создаде и услови за враќање на загрозените животински видови, како што се орелот рибар и видрата, изјави Светлана Пејовиќ, раководител на проекти во Македонско еколошко друштво.
Според сегашните истражувања на МЕД, видрата е присутна на повеќе места по течението на реката Брегалница и покрај поголемите реки во Македонија, но нејзината популација е во пад. Крајречната вегетација е нејзиното основно живеалиште и доколку таа се обнови, опстанокот на видрата би бил овозможен.
Вакви акции за пошумување во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија ќе се организираат и во следните две години и тоа со тополови и врбови садници произведени по вегетативен пат во расадник во соработка со ЈП „Македонски шуми“.
Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2 е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка и е координирана од Фармахем.