Дали досега сте слушнале за инсектот со шест нозе со интересно име наречен богомолка? Се работи за долгоног инсект кој предниот пар на нозе ги држи издигнати во положба која наликува на собрани раце при молитва, по што и го добила своето народно име. На врвот на телото на богомолката се наоѓа главата во форма на триаголник со еден пар екстремно големи раскокорачени очи помеѓу кои се наоѓаат уште три мали едноставни очи. Ова и овозможува на богомолката да има одличен вид. Од друга страна, за разлика од очите има само едно уво и тоа е сместено под стомакот. Главата е поврзана со остатокот на телото на начин кој и овозможува да биде единствениот инсект кој може да ја врти главата дури за 1800. Богомолката се качува по стрмни стени, ѕидови, стебла, не може брзо да да се движи, но затоа одлично скока во далечина. Би можела да освои златен медал во натпревар со другите инсекти за скок во далечина, но би изгубила (би се удавила) во пливање, бидејќи богомолките не знаат да пливаат.
Во светот постојат околу 2.400 вида богомолки. Некои се малечки, едвај десетина милиметри, а некои се вистински џинови кои достигнуваат должина и до 160 мм. Живеат во умерени краишта, но повеќето во тропските предели. Независно каде живеат, богомолките се вистински мајстори за камуфлажа. По обликот или бојата на телото, тие се вклопуваат во средината во која живеат и на тој начин се тешко видливи за своите предатори, но и за својот плен. Европските видови се воглаво зелено или кафено обоени. Особено интересно се камуфлирани тропските видови на богомолки кои по обликот на телото можат да наликуваат на лист, гранче па дури и на цвет.
Добрата камуфлажа им овозможува на богомолките да седат скриени, да не го бркаат пленот, туку трпеливо со часови да го чекаат самиот да дојде во нивното видно поле, а штом тоа ќе се случи го зграпчуваат со предните нозе со огромна брзина едвај видлива со голо око. Богомолките се хранат со сите инсекти кои можат да ги совладаат физички, а знаат да уловат и преставници од сопствениот вид. Поради исхраната со инсекти, богомолките се во добри односи со фармерите кои во нив гледаат сојузници во борба против инсектите кои ги напаѓаат нивните полиња. Во италијанскиот град Метапонто, пронајдени се кованици од 5 век пред нашата ера на кои е прикажана слика на богомолка на пченица.
Она по што богомолките са најмногу познати е канибализмот кој е честа појава при парењето. Мажјакот кога ќе ја воочи женката полека и се приближува и тоа од зад грб, веројатно од страв да не биде веднаш изеден. Додворување кај богомолките не постои. Мажјакот се качува на женката и веднаш почнува со парењето при што неретко женката ја јаде главата на мажјакот во текот на парењето, но тој е способен да го доврши оплодувањето на женката и без глава. Зошто мажјаците дозволуваат да бидат изедени? Веројатно затоа што сита и задоволна богомолка нема да се пари со друг мажјак па така голема е шансата дека баш тие ќе бидат татковци на нејзиното потомство.
Богомолките се едни од ретките инсекти кои се омилени за чување како домашни миленичиња, иако нивниот животен век е краток и изнесува нешто помалку од една година. Тука секако најатрактивна е африканската богомолка поради својата убавина и големина.
Во Кина, еден од стиловите на древната боречка вештина кунг фу, го носи името на богомолката. Секако, инспирација за борците се вештините со кои лови овој инсект и со кој го совладува својот плен или предатор.
Колку се ценети овие вештини на богомолката, го знаеле и американските воени сили кои нападот врз иранската морнарица во 1988 година, го нарекоа “Операција богомолка”.
И за крај, не заборавете дека оние најголемите видови богомолки, можат да изедат мал гуштер, жаба па дури и птица. Па кој вика дека инсектите се на дното на ланецот на исхрана во природата? Богомолката дефинитивно не е.
Богомолките живеат и во Македонија, иако можеби не сте ги никогаш забележале заради нивното мајсторско камуфлирање. Кај нас живеат четири видови богомолки:
- Mantis religiosa
- Ameles heldreichii
- Empusa fasciata
- Iris oratoria
За да се запознаете поблиску со животот на нашите богомолки и скакулци ви препорачуваме да го погледнете филмот „The Noisy Neighbours” на Љубомир Стефанов кој е снимен во Македонија (https://vimeo.com/7367510).
Автор: Проф. Маја Јорданова