Во периодот од 17 до 21 септември, во албанскиот дел на Преспа, студенти од трите земји кои го делат преспанскиот регион учествуваа на летната школа за еколошка едукација и толкување на природното наследство. Прекуграничната летна школа, организирана од членовите на ПреспаНет – Македонското еколошко друштво (МЕД), Друштвото за заштита и зачувување на животната средина во Албанија (ППНЕА) и Друштвото за заштита на Преспа (СПП), преку практични и тематски предавања им овозможи на учесниците да ги откријат придобивките од еколошката едукација и преку различни начини на толкување на природата да се стекнат со професионално искуство во различни области. Покрај интерактивните групни сесии, презентации и дискусии, учесниците имаа можност да се запознаат од прва рака со природните вредности на Преспа.