Работилница – Заштита на балканскиот рис и одржливо ловство со ловен туризам!
МЕД и Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, заедно со Меѓународниот совет за заштита и конзервација на природата (The International Council for Game and Wildlife Conservation CIC) во периодот 28 февруари – 2 март 2013 година, во Скопје ја реализираа 14-тата средба на ЦИЦ Координативниот форум за Централна и Источна Европа (CIC Coordination Forum for Central Eastern Europe).
На работилницата присуствуваа национални делегации од 17 држави од Централна и Источна Европа, експерти од Норвешка, Швајцарија, Финска, како и претставници од FACE, UNDP, European Commission, Directorate – General for the Environment, Directorate B – Nature, Biodiversity and Land Use, Канцеларијата на Европската Унија во Скопје и претставници од амбасади во Република Македонија.
Главни теми за дискусија беа заштитата на балканскиот рис и одржливото ловство со ловен туризам, односно целта на средбата беше членовите на Меѓународниот совет и Wildlife Conservation (CIC) да се запознаат со:
- критичната состојба на балканскиот рис и потребите за негова заштита, како и
- придобивките од одржливиот ловен туризам и негова имплементација во земјите од Југоисточна Европа.
Работилницата се спроведе во две сесии преку презентирање резултати од соодветни спроведени истражувања и состојби во земјите на Балканот и пошироко во Европа, дискусии за состојбата на популациите на рисот, како и за значењето и важноста на одржливиот ловен туризам во истите подрачја.
Краен производ од дводневната работа беше изработената декларација во која се поставени главните пораки и насоки за зачувување на постојната популација на балканскиот рис и имплементацијата на одржливиот ловен туризам, кој ќе води кон заштитата на рисот. За исполнување на поставените цели е формирана Зелена алијанса со Управен одбор составен од пет члена, кои во иднина заедно ќе дејствуваат во оваа насока.