Третиот конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество беше одржан во Струга, во периодот од 6–9 октомври 2007 година.
Конгресот воедно ја одбележа и 80-годишнината од животот и шеесет години активна научна работа на проф. д-р Љупчо Групче.
Учесниците на Конгресот можеа да слушнат три пленарни реферати, а повеќе од 180 учесници ја презентираа својата научно-истражувачка работа.
Од нив, вкупно 89 трудови се отпечатени во Зборник на трудови од 3. Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество.
Големиот број презентирани трудови укажува на големиот интерес на научната јавност во Македонија и регионот за еколошките истражувања, но исто така и на недостатокот од други научни собири од сродните научни дисциплини кај нас.
Според бројот на презентираните трудови како и според посетеноста на сесиите и обемноста на дискусиите, најголем интерес, како во Македонија, така и во регионот, претставуваат истражувањата од областа на биодиверзитетот и конзервациската екологија, потоа заштитата на животната средина и загадувањето, екосистемската екологија, истражувањата на популациите и заедниците итн. Оттука може да се заклучи дека интересот за решавање на проблемите поврзани со заштитата на животната средина и биолошката разновидност е голем, се разбира заради апликативноста на ваквите истражувања. За одбележување е дека на овој конгрес беше значајно и учеството на научни работници од областа на урбаната екологија и пределната екологија, што не беше случај на претходните два конгреса. Очигледно, овие две значајни апликативни дисциплини во управувањето со животната средина се во подем кај нас.