Состанок на членовите на мониторинг мрежата за заштита на балканскиот рис

Тимот за балканскиот рис на МЕД на 10 јуни  го организираше редовниот годишен состанок на членовите на мониторинг мрежата кој е и последен од третата фаза на Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП). Настанот беше организиран во Вевчани на планината Јабланица каде претходната зима беше спроведена опортунистичка сесија со камера-замки и сесија за обележување на рис со ГПС околувратник за научни цели. Најголем број од учесниците беа ловџии или ловочувари од региони каде е распространет балканскиот рис, а помал дел беа ветеринари, сточари и новинари.

Содржината на програмата и целта на состанокот беа да се истакнат придобивките од соработката помеѓу тимот за рис и членовите од мрежата која резултираше со успешно спроведена сесија со камера замки на Јабланица. Резултатите од сесијата заедно со останатите поважни активности од БЛРП фаза III беа презентирани и дискутирани. По презентациите членовите на мрежата за време на дискусијата искажаа загриженост и посочија на проблеми кои се случуваат во големи размери во последно време – голите сечи на шумата и фрагментарање на живеалиштата предизвикани главно од изградба на новиот автопат Гостивар-Кичево-Охрид; поставување на примки-стапици од страна на криволовците кои се неселективни (може да се фати секое животно поголемо од зајак) и смртоносни.

Пред да заврши состанокот беше најавена работилница за обука на членовите на мониторинг мрежата за користење на бесплатен софтвер за потребите на мониторингот на балканскиот рис и неговиот плен. Работилницата најверојатно ќе се одржи во следната фаза од проектот.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top