
Речиси половина век, Преспа зазема посебно место во нашата работа. Уште од раните истражувања на проф. д-р Љупчо Групче и проф. д-р Љупчо Меловски, фокусирани на екологијата на шумските екосистеми на планината Галичица, до денешните развиени партнерства со Општина Ресен, Паркот на природата „Езерани“, Националните паркови „Галичица“ и „Пелистер“, локалните училишта, организации и еко-свесни компании – продолжуваме посветено да делуваме во заштитата, зачувувањето и промоцијата на уникатното природно наследство на Преспанскиот Регион.
Токму затоа ни претставува особена чест што оваа година, на отворањето на 24-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ во Ресен, ни беше доделено признанието „Клучевите на Преспа“. Наградата се доделува на поединци и институции кои дале значаен придонес во афирмацијата на Преспа на меѓународно ниво, а особено сме горди што Македонското еколошко друштво е првата организација што го добива ова високо признание.
Во името на Друштвото, наградата ја прими извршната директорка, м-р Робертина Брајаноска, која ја истакна нашата цврста заложба и понатаму да работиме за доброто на Преспа. Таа нагласи дека ова признание им припаѓа на сите еколози, истражувачи, научници, едукатори, волонтери и љубители на природата кои со своето знаење, време и посветеност придонесуваат кон истражувањето, зачувувањето и унапредувањето на природните вредности на овој исклучителен регион.


Со фестивалот „Актерот на Европа“ ја споделуваме истата визија – дека Преспа може да се зачува и одржливо да се развива само преку добрососедска прекугранична соработка. И токму во таа насока, нашето долгогодишно партнерство во рамки на мрежата на еколошки организации #ПреспаНет, заедно со Друштвото за заштита на Преспа од Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA), претставува успешен пример дека заедничката грижа за природата ги обединува луѓето, без оглед на границите.
Благодарни сме на сите кои изминативе децении беа дел од оваа приказна и продолжуваат да веруваат во нашата мисија – зачувување на природата преку граѓанско учество и проширување на знаењето!
Преспа е нашиот дом, а домот треба да се чува!
