Во периодот од 26ти март до 30ти април 2012 година, тимот од МЕД кој работи на заштита на балканскиот рис помогнати од неколку посветени волонтери, спроведе активности за заловување на рис на планините Јабланица, Бистра и Стогово. Вакви активности беа спроведени и во 2010 и 2011 година, во рамките на проектот „Статус, екологија и окупираност на територијата на критично загрозениот балкански рис во Македонија и Албанија”: Исто како претходните две години, целта на тимот беше да се заловат единки од балканскиот рис на кои ќе им биде поставен ГПС/ГСМ околувратник и на тој начин ќе бидат следени преку методот на радио-телеметрија, со што би се добиле веродостојни податоци за биологијата и екологијата на балканскиот рис.
Активностите за заловување на рис со помош на кафез-замки паралелно се одвиваа и во заштитеното подрачје Јасен, како и на територијата на ловиштето „Душегубица“ во сопственост на Македонски шуми, подружница Лопушник-Кичево, каде во март 2012 година беше заловен вториот балкански рис – рисот Ристе. Теренските активности на ова подрачје ќе продолжат и во текот на следните месеци.