Над 50.000 записи брои апликацијата ptici.mk, којашто ја претставивме пред две години, со идеја да го поддржиме растечкиот број на набљудувачи, истражувачи и фотографи на птици и така да придонесеме кон унапредувањето на граѓанската наука. Ова значи дека над 50.000 пати се внесени сегрегирани податоци за набљудуваните птици кај нас, но и дека сите тие информации се „видливи“ многу пошироко со оглед на тоа што платформата ptici.mk е целосно интегрирана во Европскиот портал на птици.
Во светот на птиците во Македонија, ptici.mk посведочи за првото наоѓање на Ричардовата трепетилка! Преку неа се регистрирани неколку ретки видови на миграција или зимување (камењарче, белоопашести свиркачи, долгоопашеста патка, големи бекасини, мали бекасини, касписки рибарки, шарен српоклун свиркач и други видови за кои до сега сметавме дека само ретко и повремено се јавуваат во Макеоднија), како и на видови за чија присутност во земјата знаеме релативно малку (шарени и црвеногушесто муварче, источен планински свиркач, тенкоклун трскар, и други).
По повод ова достигнување, Македонското еколошко друштво ви ја претставува новата подобрена верзија на апликацијата! Апликацијата има над 40 регистрирани корисници, од кои повеќе од 20 се постојано активни. Новата верзија на апликацијата е многу побрза, со нов модул (Комплетна листа), и со поддршка на Google Earth подлога за картирање на локации. Башка, може да се внесува .kml документ за да се олесни ориентацијата на терен.
Планираме уште најмалку два модули, како и адаптација на апликацијата за iOS. Во план се и поголеми подобрувања на интернет-страницата, со повеќе можности за пребарување. Автоматските правила за верификација на податоците ќе бидат подобрени по завршување на постојната тековна сезона, а ptici.mk ќе се интегрира со Global Biodiversity Information Facility – меѓународна мрежа преку која секој има слободен пристап до податоци за сите видови жив свет на планетата, од кое било место и во кое било време.
Платформата ја одржуваме преку поддршка од Sigrid Rausing Trust, како дел од проектот „Improving the capabilities of the EuroBirdPortal project in order to boost its contribution towards EU policy objectives under the Birds Directive and the 2030 Biodiversity Strategy (101104367 LIFE22-PLP-ES-EBP reinforcement)” кофинансиран од Европската Унија.
