
Во Планинскиот центар „Гризли“ на Козјак, во рамките на Природниот резерват „Јасен“, вчера беше отворена патувачката изложба посветена на балканскиот рис.
Изложбата претставува внимателен избор од 21 фотографија, создадени во текот на нашите долгогодишни напори за закрепнување на популацијата на овој редок вид – најголем дел од нив направени со методот на фотозамки, сведочејќи за убавината, важноста и ранливоста на едно од најтаинствените животни на нашите простори.


Со популација помала од 50 возрасни единки, балканскиот рис е критично загрозен и се соочува со бројни притисоци – од загуба на живеалишта и криволов, до ниска генетска разновидност. Како незаменлив дел од природното и културното наследство на регионот, тој бара постојана грижа, внимание и заштита.
Изложбата во Планинскиот центар „Гризли“ ќе биде достапна за посетителите во следните две недели, по што ќе го продолжи своето патување на нова локација.
