
Десеттата јавна научна трибина посветена на актуелните состојби со загадувањето на животната средина во Македонија се одржа на 18 декември 2025 година во Кинотека на Македонија во Скопје, пред публика составена од членови на Македонското еколошко друштво, студенти, ученици, родители, претставници на различни институции и граѓански организации. По воведниот говор и претставувањето на програмата, трибината продолжи со излагањата на четири истакнати експерти во своите области.
Професорот д-р Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје даде сеопфатен осврт на состојбата со загадувањето на животната средина во Македонија со тешки и опасни метали, меѓу кои арсен, олово, кадмиум, индиум и други. Во воведниот дел од своето предавање тој објасни на кои начини тешките метали навлегуваат и се апсорбираат во човековиот организам при изложеност на загадена животна средина.

Во продолжение, професорот Стафилов се осврна на сериозните недостатоци во системот за одлагање и управување со комуналниот отпад, потенцирајќи дека државата сè уште нема воспоставено функционална мрежа на регионални депонии. Говорејќи за индустрискиот отпад, тој идентификуваше 16 таканаречени „жешки точки“ на екстремно и опасно загадување со тешки метали, поврзани пред сè со напуштени или активни индустриски, рударски, металуршки и електроенергетски капацитети (ОХИС – Скопје, Топилница – Велес, РЕК – Битола, Југохром – Јегуновце итн).
Дополнително, беше појаснето на кој начин штетните материи од овие локации се шират во околината и предизвикуваат загадување на значителни површини низ државата, процеси кои се документирани и јавно достапни во „Геохемискиот атлас на Македонија“. Професорот Стафилов ја истакна и итната потреба од донесување Закон за заштита на почвите, кој во моментов недостасува во националното законодавство. Според него, особено загрижувачки е недостигот од системска и навремена реакција од страна на државата, која покажува ограничена подготвеност за санација на старите индустриски капацитети и „жешки точки“, и покрај сериозниот ризик што тие го претставуваат за населението што живее во нивна непосредна близина.

Трибината продолжи со предавањето на Сузана Андонова од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање, која ја запозна присутната публика со поимот и карактеристиките на перзистентните органски загадувачи. Како што објасни Андонова, станува збор за соединенија кои се присутни насекаде околу нас – од пестицидите што се применуваат во земјоделството, до составот на различни текстилни производи што секојдневно се користат.
Овие супстанции се одликуваат со исклучителна постојаност во животната средина, како и со способност за биоакумулација и биомагнификација, што ги прави особено опасни за здравјето на луѓето и екосистемите. При нивно континуирано внесување во организмот, особено во поголеми количини, тие можат да имаат канцерогено дејство, да го нарушат функционирањето на нервниот систем, да предизвикаат низа акутни и хронични заболувања на имунолошкиот систем, како и негативно да влијаат врз репродуктивното здравје.

Во продолжение, Андонова се осврна на работата на Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи, која активно го следи, контролира и ограничува загадувањето со овие опасни соединенија, во согласност со обврските што произлегуваат од Стокхолмската конвенција, ратификувана и од нашата држава. Како една од клучните активности беше истакнат почетокот на чистењето на т.н. мала депонија на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, каде се складирани нуспроизводи од производството на линдан – исклучително опасен инсектицид кој не се произведува веќе со децении. Сепак, како што нагласи таа, за целосна санација најнапред на малата, а потоа и на големата депонија на ОХИС, потребни се дополнителни финансиски средства и институционални капацитети, имајќи предвид дека оваа локација претставува една од најкритичните „жешки точки“ на загадување во Македонија.
По нејзиното предавање следуваше проекција на краток документарен филм, кој на јасен и визуелно впечатлив начин го прикажа целиот процес на санација и чистење на малата депонија во поранешниот ОХИС.
Третиот предавач на трибината беше проф. д-р Марина Стефова од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, која се осврна на состојбата со загадувањето на воздухот во главниот град. Врз основа на спроведените лабораториски анализи, таа го претстави хемискиот состав на воздухот што секојдневно го вдишуваат граѓаните на Скопје, кој содржи низа штетни соединенија, меѓу кои азот диоксид, сулфур диоксид, јаглерод моноксид и диоксид, сулфуроводород, црн јаглерод, како и различни органски соединенија како полициклични ароматични јаглеводороди, формалдехид, бензен итн.

Професорката Стефова појасни дека проблемот не се сведува исклучиво на присуството на суспендирани цврсти честички (ПМ), туку пред сè на токсичните супстанции што се врзуваат за нив и преку вдишувањето директно навлегуваат во човечкиот организам. Во тој контекст, таа го објасни значењето на Индексот за квалитет на воздухот, кој дава појасна и покомплексна слика за реалното ниво на загадување и, за жал, укажува на сериозно неповолна состојба во Скопје. Дополнително, беше разјаснето зошто загадувањето е поизразено и повидливо во зимскиот период, при што како клучни фактори беа наведени температурната инверзија и зголеменото создавање на фини цврсти честички. Сепак, како што истакна таа, загадувањето со штетни хемиски соединенија е присутно во текот на целата година, иако неговите ефекти не секогаш се подеднакво видливи. Тоа беше видливо од презентираните резултати од испитувањата на испарливи и полуиспарливи органски соединенија во Скопје во 2020 и 2022 година реализирани во Лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во рамки проекти за млади истражувачи поддржани од Македонското еколошко друштво.
Во завршниот дел од излагањето, проф. Стефова понуди низа препораки за подобрување на квалитетот на воздухот, меѓу кои намалување на емисиите од сообраќајот и затоплувањето со горење фосилни горива, ограничување на употребата на производи што содржат штетни хемикалии, зголемување на зелените површини и интензивирање на процесите на пошумување, едукација за еколошка одговорност од мала возраст, како и борба за воведување строги стандарди за емисии, ригорозна контрола и континуиран мониторинг на загадувачите.
Трибината ја заокружи проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој говореше за улогата на сателитските снимки и современото компјутерско процесирање на големи бази на податоци во унапредувањето на сознанијата за загадувањето на воздухот. Тој објасни дека ваквите алатки овозможуваат за многу кратко време да се изработат релативно прецизни просторни карти што ја прикажуваат состојбата со загадувањето на воздухот на територијата на целата држава.

Во тој контекст, проф. Милевски ја претстави отворената платформа Google Earth Engine и на практичен начин ѝ демонстрираше на публиката како, со помош на едноставни командни конзоли, можат да се добијат јасни и информативни визуелни прикази за загадувањето, вклучително и по поединечни загадувачки супстанции, како јаглерод моноксид, азот диоксид и сулфур диоксид. Претставувајќи ги резултатите од сопствените анализи, тој посочи дека Скопје, во регионален контекст, се издвојува како изразена „жешка точка“ на загадување. Дополнително, беа издвоени и други подрачја со зголемено ниво на загадување, меѓу кои Струмичката и Пелагониската Котлина.
Објаснувајќи ги причините за ваквата состојба во Скопје, проф. Милевски истакна дека, иако градот се наоѓа во неповолна географска положба во котлина, проблемот е дополнително продлабочен со непланската урбанизација и изградбата на објекти што го попречуваат природниот проток на воздухот долж текот на реката Вардар. Наместо непречена циркулација, се создаваат „вртлози“ кои го задржуваат загадениот воздух во градот. Со цел подобрување на состојбата, според него, неопходно е спроведување на посеопфатни и порадикални мерки, насочени кон намалување на негативните влијанија од сообраќајот, домаќинствата и индустријата, како и кон зголемување на зелените површини и подобрување на урбаното планирање.
Во завршниот дел од трибината беше отворен простор за прашања од публиката и за дискусија со панелистите, при што беа разгледани низа теми поврзани со загадувањето предизвикано од индустриските капацитети, согорувањето на отпад, недоволната регулација на штетните емисии од сообраќајот, како и функционирањето на пречистителните станици за отпадни води.
Во рамките на дискусијата беше заклучено дека, за да се постигне суштинско подобрување на состојбата, неопходно е зајакнување на институционалните капацитети и стручниот кадар на надлежните инспекторати и институции, особено на општинско ниво. Истовремено, беше истакната и потребата од поголем и поконзистентен притисок од страна на јавноста, која активно ќе бара од своите политички претставници прашањата поврзани со заштитата на животната средина да бидат третирани како приоритет и да се адресираат на највисоко национално ниво.
