
Ни претставува особена чест и гордост што нашиот потпретседател, проф. д-р Трајче Стафилов, беше избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите при Одделението за природно-математички и биотехнички науки.
Професорот Стафилов е еден од најистакнатите и најпосветени хемичари во земјата. Зад себе има богата и неуморна научна кариера со авторство на 33 научни и стручни монографии и повеќе од 350 печатени трудови, од кои најголемиот дел се објавени во реномирани меѓународни списанија.
Како професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, професорот Стафилов бил ментор на 15 докторски, 28 магистерски и 4 специјалистички трудови, како и на повеќе од 120 дипломски работи, со што дал исклучителен придонес во развојот и унапредувањето на природните науки во Македонија. Повеќе за неговите научни достигнувања и библиографија можете да прочитате на следниот линк: https://ih.pmf.ukim.edu.mk/teachers/view/93
Тој е член на Претседателството на Македонското еколошко друштво, од оваа година ја извршува функцијата потпретседател, а од 2022 година е Главен уредник на научното списание Macedonian Journal of Ecology and Environment (www.mjee.org.mk) со што активно придонесува кон развојот и насочувањето на работата на Друштвото.
Искрени честитки, професоре Стафилов – и благодарност за вашиот извонреден и траен придонес кон развојот на македонската и светската наука!
