Македонското еколошко друштво на Светскиот конгрес на IUCN во Абу Даби

Вчера во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, започна Светскиот конгрес на Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN), кој ќе трае до 15 октомври. Оваа година, Конгресот обединува повеќе од 10.000 учесници, вклучувајќи носители на одлуки, претставници на граѓанскиот сектор, организации на домородните народи, научната јавноста и бизнис-заедницата, сè со цел да ја унапредат и утврдат глобалната агенда за поздравa и поодржлива планета во годините што следуваат.

„Одлуките што ќе бидат донесени оваа недела ќе определат дали ќе го дочекаме овој момент со храброст и соработка. Ако успееме, овој Конгрес ќе покаже дека науката, инклузивноста и заедничката цел сè уште можат да го насочат човештвото кон иднина во која и луѓето и природата ќе напредуваат“ – изјави Н.Е. Разан Халифа Ал Мубарак, претседателка на IUCN, на отворањето на настанот.

На конгресот учествува и Македонското еколошко друштво, претставувано од извршната директорка м-р Робертина Брајаноска и раководителката на програмата за управување со заштитени подрачја, м-р Деспина Китанова. За време на првиот ден, тие имаа можност да учествуваат во сесии посветени на најновите научни и практични пристапи во проценката на состојбата и значењето на екосистемите и биолошката разновидност, што е клучно за ефективно планирање и управување со заштитените подрачја.

Светскиот конгрес на IUCN се одржува на секои четири години и претставува највисоко демократско тело на организацијата, во рамките на кое повеќе од 1.400 организации членки ги разгледуваат и утврдуваат најгорливите прашања од областа на заштитата на природата и мерките за нивно решавање, кои треба да ја насочат идната взаемна врска на човештвото со планетата.

Scroll to Top