Викендот на 18 и 19 јануари 2025 г., МЕД по 16ти пат го спроведе пописот на водните птици на нашите три природни езера, како и неколку други помали акумулации. Со учество на вработени и волонтери н МЕД, како и претставници од релевантните институции кои управуваат со заштитените подрачја на некои од локалитетите. И покрај снежната покривка, тимовите кои го спроведоа цензусотдојдоа до убави резултати, односно беа избројани вкупно околу 27000 птици на Охридското Езеро, 10000 птици на Преспанското Езеро и околу 4000 птици на Дојранското Езеро. На останатите 10 локалитети беа избројани околу 2400 единки од различни видови птици.

Бројноста на Охридското Езеро беше особено задоволителна, додека на Преспанското Езеро бројноста беше помала, но подобра од изминатите три години. На Дојранско Езеро пак, бројноста беше помала од очекуваното, на основа на просекот за овој локалитет, од почетокот на спроведувањето на овој цензус од страна на МЕД. Една од причините за малиот број водни птици на Дојранско Езеро оваа година е криволовот кој се одвиваше на самиот брег на езерото, со користење на мамки или повици кои имаат за цел привлекување на водните птици, што не е се дозволено според националните закони и меѓународните договори. МЕД стапи во комункација со надлежните институции и им ги достави сите информации и докази за случајот, со цел на решавање на ваквите инциденти и спречување на истите во иднина.

Зимскиот цензус на водни птици е најмасовното и најдолготрајно волонтерско пребројување птици во светот, со традиција уште од 1967 година. Предводен од Меѓународната организација за водни живеалишта (Wetlands International) и во соработка со бројни локални организации, овој настан стана во клучен извор на информации што се од суштинско значење за креирањето политики поврзани со управувањето и заштитата на водните живеалишта. МЕД е национален партнер во оваа иницијатива од 2010 година, од кога и го спроведува овој цензус на национално ниво.

Start typing and press Enter to search