На 5-ти август, Државниот инспекторат за животна средина официјално го усвои Стандардниот оперативен протокол (СОП) за постапување при случаи со труење диви животни, развиен во рамки на проектот БалканДетокс LIFE. Овој важен документ беше предложен за време на состанокот на Националната работна група за борба против труење диви животни, каде членовите ја истакнаа потребата од јасно дефинирани улоги и одговорности меѓу националните тела, како и ефикасна соработка во вакви случаи. Во согласност со Законот за инспекциски надзор на животната средина, член 34 му дозволува на директорот официјално да ги усвои таквите СОП, кои што би можеле да се ревидираат на годишно ниво по потреба.

Со оглед на тоа што на Северна Македонија моментално и недостасува целосно систематизиран одговор на случаите со труење на дивиот свет, овој СОП означува значаен чекор против овој вид на кривични дела. Пред се, ќе ги поддржи државните инспектори за животна средина и природа, а истовремено ќе обезбеди насоки за полицијата, ветеринарните инспектори и јавните обвинители.

„Правилното водење на постапката во случаите со труење на диви животни е клучно за понатамошниот исход на постапката. Тука пред сѐ се мисли на користењето на административните алатки, изготвување на записник за констатација од местото на увид, начинот на собирање на докази за констатирани неправилности, службената комуникација со други надлежни органи, начините на дознавање на случајот, истрагата на местото на настанот, транспортот на прибраниот материјал од местото на увид до соодветна лабораторија за анализа и испитување, како и  започнувањето и водењето на кривична и прекршочна постапка против сторителите,“ вели Дарко Блинков, Генерален инспектор за животна средина од Државниот инспекторат за животна средина.

Документот беше заеднички изготвен од страна на МЕД, Државниот инспекторат за животна средина, Факултетот за безбедност и Македонското здружение на млади правници.

Понатаму, текстот ги прикажува релевантните национални закони кои ја воспоставуваат кривичната рамка за труење на дивиот свет и правните основи врз кои државните тела мора да дејствуваат во такви случаи. Иако првично им служи на инспекторите за животна средина, тој, исто така, ги опишува одговорностите на различни засегнати страни, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство, полицијата, релевантните лаборатории, јавното обвинителство, Државниот инспекторат за лов, како и органите кои управуваат со заштитените подрачја и концесионерите на ловиштата.

Овој СОП обезбедува чекор-по-чекор водич за инспекторите, дополнет со дијаграми и илустрации за да се разјаснат процедурите. Анексите вклучуваат фотографии од отруени диви животни и отровни мамки како референтен материјал за инспекторите. Документот дополнително содржи примери од обрасци кои што инспекторите можат пополнуваат за време на нивните увиди.

„Среќни сме што како резултат на упорната работа и соработката на Националната работна група за борбата против труење диви животни, успеавме не само да го креираме овој документ, туку и законски да биде усвоен од релевантно национално тело. Неговото донесување покажува посветеност, мотивира и дополнително ја стимулира соработката во сузбивање на труењето диви животни и други видови на криминал врз дивиот свет, “– Арта Старова, координатор на проектот БалканДетокс LIFE во Северна Македонија.

Start typing and press Enter to search