Во рамки на проектот „Зајакнување на заедниците во регионот на Шар Планина за одржливо управување со Европскиот зелен појас“ на 4 и 5 јули во планинарскиот дом Љуботен на Шар Планина се одржа дводневна обука на тема „Рурален туризам на Шар Планина и потенцијали за развој“. Обуката МЕД ја организираше во соработка со „Центарот за едукација и развој“ и нашите партнери од Косово „ЛАГ Шари“.
Целта на обуката е да се обучат млади од Македонија и Косово коишто се занимаваат или сакаат да се занимаваат со рурален туризам во прекугранично подрачје. На обуката учествуваа 18 учесници од Шар Планина од 6 општини.
Во рамки на првиот модул туризмологот Јован Божиновски и претседател на Планинарскиот клуб „Љуботен“ ги запозна учесниците со типови на туризам на Шар Планина, предизвици за развој на руралниот туризам и патеката “High Scardus”.
Во склоп на обуката предвидени се и студиско патување и втор модул што ќе се одржат во Македонија и Косово во август.
Обуките за рурален туризам се само дел од активностите на проектот којшто е поддржан од програмата БестБелт на Европската Унија и чија главна цел е подигнување на капацитетите на младите и локалното население во вкупно 8 општини во Македонија и Косово како дел од Балканскиот зелен појас.