Од 14-17 ноември во Касерес, се одржа меѓународната конференција за мршојадците во Европа на која што учествуваа двајца претставници од нашата организација. Низ историјата во Европа постоајно се среќаваат 4 видови на мршојадци: белоглавиот мршојадец (Gyps fulvus), египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus), црниот мршојадец (Aegypius monachus) и брадестиот мршојадец (Gypaetus barbatus). Но се претпоставува дека со климатските промени и поволните услови за живот на апенинскиот полустров од неодамна се населил и рупеловиот мршојадец (Gyps rueppelli).

На конференцијата, која што беше организирана од страна на Фондацијата за заштита на мршојадци, имаше богата програма со околу 200 презентации, со  повеќе од 400 учесници од 45 држави. Презентациите и темите поврзани со мршојадци беа разнолики и јасно и прецизно ја отсликуваа состојбата во која што се наоѓаат мршојадците не само во Европа него во целиот свет.

Главните говорници беа водечки научници во областа на зачувување на природа и истражување за мршојадци меѓу кои беа Серџо Ламбертучи, Паскуал Лопез Лопез, Дарси Огада, Маркос Молеон Паиз и многу други.

Истражувањата споделени низ текот на настанот беа на разновидни теми:

  • Закани од различни извори на труење (преку користење на оловни куршуми, диклофенак како антибиотик за сточниот фонд, намерно и ненамерно труење на мршојадци преку поставувањето на отровни мамки во природата)
  • Потребата за соодветното изолирање на далекуводните столбови за да се спречат случаи со електрокуција и/или колизија со птици
  • Потребата за информирано поставување на ветерните турбини со цел да се избегнат колизии со птици
  • Неопходната соработка со руралните заедници кога се работи за конфликтите што постојат меѓу луѓето и дивиот свет со цел да се превенираат влошени односи
  • Методи и центри за размножување на брадестиот мршојадец
  • Програми и методи за ре-интродукција на мршојадци пак во дивината
  • Акцент беше ставен и на достапноста на храната за мршојадците
  • Но како најважен и клучен дел во заштитата и поврзувањето на различните популации мршојадци во Европа беше спомнат Балканот. За воспоставување на добра и стабилна популација на мршојадци во Европа неопходно е да се зголемат и убрзаат мерките за зачувување и реинтродукција на сите 4 вида мршојадци на Балканот.

Дополнително, на конференцијата беа претставени активности спроведени во рамки на регионалниот проект BalkanDetox LIFE којшто МЕД го спроведува како национален координатор и којшто се фокусира на зајакнување на државните капацитети со превенирање и справување со случаи на труење на диви животни. Иако некои од проблемите се слични низ светот кога станува збор за заканите за мршојадци, секако бројот и развојот на популациите е релативен зависно од капацитетот и желбата да се работи кон заштита на овој вид од страна на државите. Мршојадците се препознаени како клучни за повеќе екосистеми со тоа што тие брзо, ефикасно, и целосно можат да отстранат мртви животни и со тоа да превенираат ширење на заразни болести.

Не случајно како локација за одржување на оваа конференција беше одбрано месторо Касерес. Тоа е локација која моментално ја поддржува најголемата популација на белоглави и црни мршојади во Европа. За време на конференцијата неизбежни беа набљудувањата на неколку јата од по 10-ци птици како кружат над малото средновековно градче. Ексукрзиите во Националниот парк Монфрагуе и посетата на полињата и ливадите околу Касерес беа извонредна прилика да се види како овде луѓето и дивиот свет живеат рака под рака и се грижат за здрав и оддржлив екосистем.

 

Start typing and press Enter to search